Во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои бевме рамо до рамо, а некогаш и многу подобри, вели македонскиот селектор

КОШАРКА – ПО ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКИОТ ТУРНИР ВО ТАЛИН

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација не успеа да обезбеди пласман во следната фаза од претквалификациите за Летните олимписките игри (ЛОИ) во Париз 2024. На турнирот што се одигра во естонскиот град Талин црвено-жолтите, предводени од селекторот Александар Јончевски, ги загубија сите три натпревари, со што завршија на последното, четврто место од групата А. Во следната фаза, односно на турнирот во Полска, пласман изборија Израел и Естонија.
Македонија, која во Талин настапи ослабена, без неколку стандардни играчи и плејмејкерот Ненад Димитријевиќ, кој поради повреда откажа во последен момент, загуби од Израел (65-86), Естонија (59-83) и од Чешка (82-94).
– Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб туку и самите играчи. А тоа е дека во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои бевме рамо до рамо, а некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, дека сега е време на нова генерација, која треба да даде резултат во наредниот период. За да се случи тоа, треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат. Можеби тоа е и најголемиот проблем, тоа што дел од нашите стандардни, а сега и потенцијални репрезентативци, не добиваат доволно простор каде што би можеле да напредуваат, а со тоа и самата репрезентација. Некои од нив ги одиграа сезонава и првите минути во сениорската репрезентативна кошарка – вели Јончевски.
Израел, Естонија и Чешка остварија по две победи, односно освоија по пет бода, а Македонија три. Притоа, најдобра кош-разлика оствари Израел (плус 32), следуваат Естонија (плус 23) и Чешка (плус два), додека Македонија имаше негатива од 57 коша. Сега македонската репрезентација ќе го насочи вниманието кон квалификациите за ЕП во 2025 година. Г.И.


Квалификациите за ЕП 2025 почнуваат со Естонија

Македонската репрезентација го доби распоредот за квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2025, кое ќе се одржи во четири земји, Летонија. Кипар, Финска и Полска (27 август-14 септември). Познати се и двојките за сите шест кола во квалификациската фаза од групата Х, во која, освен Македонија, се уште и Естонија, Литванија и Полска.
Првиот меч „црвено-жолтите“ ќе го играат на 23 февруари 2024 година со Естонија, на домашен терен. Вториот е на гости со Полска (26 февруари), третиот дома со Литванија (21 ноември), четвртиот пак со Литванија, но на гости (24 ноември), сите во 2024 година. Во 2025 година Македонија ќе продолжи пред гостинска публика со Естонија (21 февруари), а последниот ќе го одигра на домашен терен со Полска (24 февруари).


Табела, група А

Израел 3 2 1 231-199 5
Естонија 3 2 1 224-201 5
Чешка 3 2 1 238-236 5
Македонија 3 0 3 206-263 3