Фото: Принт-скрин

Пет натпреварувачи во ски-скокови беа дисквалификувани од Зимските олимписки игри во Пекинг поради прешироката опрема што ја носеа за време на настапот во мешани тимови. Даниела Иракко-Столц (Австрија), Катарина Алтхаус (Германија), Ана Один Стрем (Норвешка), Сиље Опсет (Норвешка) и Сара Таканаши (Јапонија) беа дисквалификувани поради прекршување на правилата за опрема за натпреварување.

Споменатите натпреварувачи носеле поширока опрема, за која се тврди дека им дала аеродинамична предност пред другите.

– Користените костуми, поради кои дојде до дисквалификација беа преголеми и им даваа аеродинамична предност на спортистките – стои во соопштението на Светската скијачка федерација (ФИС) испратено до „Си-Ен-Ен“.

Според правилата на ФИС, натпреварувачите можат да учествуваат само во опрема што е во согласност со прописите.

– Опремата беше проверена по случаен избор за време на натпреварот. Доколку не е во согласност со прописите, резултатот е дисквалификација на спортистот. Спортистот е одговорен за опремата што ја користи – се вели во соопштението.

Од ФИС додаваат дека сите земји биле проверени пред почетокот на натпреварувањето за да се гарантира правичност и еднакви шанси за време на Олимписките игри. Кконтролите биле многу прецизни и ги спроведувале двајца контролори.

– За време на овие контроли, пет спортисти беа дисквалификувани поради користење на неусогласени одела. Оделата беа направени исклучиво за Олимпијадата и претходно не биле тестирани. Тестови биле понудени на сите тимови пред натпреварувањето, но само неколку тима ја искористиле таа можност – се наведува во соопштението, во кое се додава и дека немало забелешки по одлуката за дисквалификација.

Сара Таканаши објави емотивно извинување на социјалните мрежи.

– Многу ми е жал што на јапонската селекција ѝ беше одземена шансата за освојување медал. Несомнено, мојата дисквалификација се одрази на животот на сите. Иако се извинувам, медалот нема да биде вратен – објави 25-годишната Јапонка.

Таа во првата серија прескокна 103 метри, што беше одличен почеток за нејзиниот тим.
Сепак, како што објави „Ројтерс“, оделото што го носела околу бедрата било два сантиметри пошироко од дозволеното.

foto (Instagram – Katarina Althaus)

За разлика од неа, Германката Катарина Алтхаус, која освои сребро во поединечна конкуренција, беше разочарана од потегот на Меѓународната скијачка федерација.
– Со нетрпение го очекувавме вториот натпревар на Олимпијадата. ФИС го уништи со својата одлука – го уништи женскиот ски-скок. Бев проверувана многу пати во текот на мојата 11-годишна кариера и никогаш не бев дисквалификуван. Знам дека моето одело беше во согласност со прописите – изјавила Алтхаус.