Астероид откриен во орбитата на Земјата, широк околу 1,2 километар, би можел да остане во орбитата околу нашата планета уште најмалку 4.000 години без да претставува никаква опасност, објавија шпанските научници. Користејќи ги податоците од телескопите во Чиле, Аризона и на Канарските Острови, научниците го дадоа досега најсеопфатниот опис на астероидот, наречен 2020 ИксЕл5 и првпат откриен пред две години. Тие потврдија дека тој е еден од само двата таканаречени тројански астероиди што патуваат како придружници на Земјата.
Тројанските астероиди можат да бидат скитници во Сончевиот Систем, како што се чини дека е случај со овој. Тие претставуваат материјал што останал од формирањето на нивната матична планета. Остануваат заробени од планетарните гравитациски сили и потоа орбитираат околу Сонцето по истиот пат како и планетата. Се чини дека овој е астероид од типот Ц, еден од најчестите видови во Сончевиот Систем, според научникот Тони Сантана-Роза од Универзитетот во Аликанте и Институтот за вселенски науки на Универзитетот во Барселона, водечки автор на студија објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“. Овие астероиди се со темна боја и содржат многу јаглерод заедно со камења и минерали.
– ИксЕл5 не претставува закана за Земјата. Очекуваме тој да остане во нејзината сегашна стабилна орбита најмалку во следните 4.000 години – рече научникот и коавтор на студијата, Цезар Брисено, од американската Национална научна фондација.
Другиот тројански астероид виден околу Земјата, а откриен пред 12 години, го доби името 2010 ТеКа7. Тој е помал и има радиус од околу 400 метри. Се смета дека тој бил заробен од гравитацијата на Земјата додека „скитал“ низ Сончевиот Систем. Астероидот 2020 ИксЕл5 првпат е откриен во декември 2020 година со помош на телескоп на Хаваи, а можеби бил фатен од гравитациската сила на Земјата пред околу 500 и 1.000 години. Голем број тројански астероиди го населуваат нашиот Сончев Систем, а најголемата планета, Јупитер, има речиси 10.000. НАСА лансира вселенско летало со име „Луси“ минатиот октомври за да ги истражи. Тројански астероиди се пронајдени и околу Нептун (28), Марс (4), Уран (2) и Венера (1). Се претпоставува дека околу Земјата има уште вакви астероиди што допрва треба да бидат откриени.