АТЛЕТИКА
Ивановски, кој е државен рекордер во девет дисциплини, беше втор на Балканското првенство во Романија, со 13:56,59 минути, што е прв резултат за помалку од 14 минути на патека од 5.000 метри за атлетичар од Македонија. Тој сега од балканските првенства има две злата, четири сребра и три бронзи
Дарио Ивановски, најдобриот македонски атлетичар, го освои второто место во трката на 5.000 метри на 75. Балканско сениорско првенство во Крајова (Романија), со време на нов државен рекорд, од 13:56,59 минути, што е прв резултат за помалку од 14 минути на патека од 5.000 метри за атлетичар од Македонија. Неговиот стар рекорд на таа делница изнесуваше 14:02,32 минути.
За Ивановски ова беше деветти медал од балканските првенства, а има две злата, четири сребра и три бронзи. Пред десетина дена Ивановски го освои златниот медал на Европското првенство (ЕП) за мали земји на Малта на 5.000 метри, со време од 14:08,99 минути. Тој беше прв на вакво ЕП и во 2021 година во Сан Марино, но тогаш на 3.000 метри.
Ивановски е рекордер на Македонија во девет дисциплини, и тоа на 1.000 метри на отворено (2:28,04 минути), на 1.500 метри во сала (3:44,98), на 3.000 метри во сала (7:58,48), на 3.000 метри на отворено (8:06,66), на 5.000 метри на отворено (13:56,59), на 10.000 метри на пат (29:44 минути), на 10.000 метри на отворено (30:04,66), во полумаратон (1:04,54 час) и во маратон (2:21,27 часа).
За Ивановски (24) ова е петти рекорд годинава (лани дури 10), вкупно 25-ти во кариерата. Рекордните трки му беа на „Скопје трча“ на 10 км на пат (29,44 минути), во Тирана (Албанија) кога стана балкански првак во полумаратон (21,1 км), со време од 1:04,55 час, на 27-то Балканско првенство во Истанбул (Турција) во сала, на 3.000 метри (7:58,48 минути), кога стана првиот македонски атлетичар што 3.000 метри истрчал за помалку од осум минути, а првиот рекорд годинава, исто така, на 3.000 метри во сала (8:01,63), го постави во јануари на митингот во Белград.