Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА

По кодомаќинството на Европското првенство (ЕП) во 2023 година за мажи, Италија е назначена за коорганизатор на шампионатот во 2026 година, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Италија ќе ги здружи силите со претходно потврдените коорганизатори на континенталното првенство во 2026 година, Бугарија, Финска и Романија, а во Италија ќе се игра до натпреварите за медал, пишува ЦЕВ.
– Одлуката да ѝ се довери на Италијанската одбојкарска федерација организација на овој престижен и голем настан е доказ за нашата континуирана успешна соработка и, во исто време, за нивната непоколеблива посветеност на унапредувањето на нашиот спорт, што ја направи Италијанската одбојкарска федерација водечки актер во промовирањето и ширењето на љубовта кон одбојката низ целиот свет. Со назначувањето на Италија за коорганизатор на Европското првенство во 2026 година за мажи сакаме да го искористиме вредното наследство од изданието во 2023 година и да го однесеме на следното ниво – вели претседателот на ЦЕВ, Александар Боричиќ, пренесе ЦЕВ.
На континенталниот шампионат ќе учествуваат 24 екипи, четирите коорганизатори, потоа осум што директно се пласираа според конечниот пласман на ЕП 2023 (Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија), како и уште 12 преку квалификациите. Победникот на ЕП 2026 ќе се пласира на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година, пишува ЦЕВ. Н.М.