- Овој грант ќе биде достапен за секој олимпиец. Не само за освојувачи на медали. Не само за спортисти од одредени земји, оти иако патувањето на секој спортист е различно, секој олимпиец направил жртви за да стигне до олимписката сцена, вели претседателот на Комисијата за спортисти на ИОК, Шпанецот Пау Гасол
Ова е една од првите акции преземени како дел од стратешката рамка „Подготвени за иднината на олимпијците“, за да се пронајдат нови и комплементарни начини за обезбедување поддршка на спортистите во нивните долгорочни спортски напори или кариерна транзиција. Со овој нов фонд, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) веднаш ја исполнува својата обврска, пишува „Би-би-си“.
Грантот „Подготвени за иднината на олимпијците“ ги дополнува постојните програми за поддршка. Се очекува околу 14.000 олимпијци по олимпијада да имаат право на грант од 10.000 американски долари за секое издание на Олимписките игри (ОИ) на кои се натпреваруваат. Грантот ќе се додели преку постојните структури на Националниот олимписки комитет (НОК). Доколку олимпиецот одлучи да не аплицира за овој грант, неговата распределба ќе остане во фондот во корист на идните олимпијци. Грантот нема да ја намали ниту да ја одземе веќе постојната поддршка што ја обезбедува ИОК на НОК, Меѓународните спортски федерации (ИСФ), Организациските комитети за Олимписките игри или Олимписката солидарност.
– Овој грант ќе биде достапен за секој олимпиец. Не само за освојувачи на медали. Не само за спортисти од одредени земји, оти иако патувањето на секој спортист е различно, секој олимпиец направил жртви за да стигне до олимписката сцена. Години посветеност, напорна работа, верување во сонот. Ова не е парична награда. Станува збор за признавање на патувањето и посветеноста што се потребни за да се стане олимпиец. За признавање дека секој олимпиец е дел од нашата олимписка заедница и за оддавање почит на оние што дојдоа пред нас и го отворија патот за да можат сегашните и идните генерации олимпијци да имаат корист – вели трикратниот освојувач на медали во кошарка, а сега претседател на Комисијата за спортисти на ИОК, Шпанецот Пау Гасол.
Претседателката на ИОК, пак, Кристи Ковентри, ги изнесе својот став.
– Тоа е тема на разговор со години и исклучително сум горда што сега сме во можност да го направиме ова – рече Ковентри, пренесе „Би-би-си“.
МОК сега ќе работи на механизмот за аплицирање и испорака на грантот со цел да го отвори процесот на аплицирање за ЗОИ Милано Кортина 2026 на крајот од годинава, а првите исплати да се извршат во 2027 година. Г.И.
Кои олимпијци ќе имаат право на грант
Право на грант ќе имаат сите спортисти олимпијци што учествувале на ОИ со акредитација Аа, почнувајќи од Милано Кортина 2026. Сите олимпијци се подобни, под услов да не направиле прекршување на антидопинг-правило или да не го прекршиле етичкиот кодекс на ИОК, условите за учество или Олимписката повелба. Учесниците на Младинските олимписки игри нема да добијат грант.


































