Фото: ЕПА

ЕП ВО АТЛЕТИКА

  • Унгарецот Бенце Халаж триумфира во фрлање кладиво со резултат од 84,25 метри, поставувајќи нов унгарски рекорд, додека на 100 метри мажи Британците ги освоија првите две места

Продолжуваат возбудувањата на Европското првенство (ЕП) во атлетика во Бирмингем (Велика Британија), кое се одржува до 16 август. Холанѓанката Надин Висер (31) го освои златниот медал на 100 метри со пречки со време од 12,67 секунди, што беше за само илјадити дел од секундата подобро од второпласираната, Пија Шкржишовска од Полска!
– Ова е медалот што го посакував многу долго време. Победата за илјадити дел од времето беше непотребна. Јас сум голема перфекционистка, секогаш размислувам за работи што можеа да поминат подобро. Чекајќи го фотофинишот, не размислував дали ќе го добијам златниот медал или не, едноставно чувствував дека ова не е совршена трка. На крајот не е важно, бидејќи беше доволно. Многу сум среќна – изјави Висер за „Европска атлетика“.
Британецот Ромел Глејв беше најбрз во трката на 100 метри, со време од 10,09 секунди. Среброто му припадна на неговиот сонародник Џеремаја Азу, кој заостана 0,139 делови од секундата, додека бронзата на Германецот Овен Ансау, кој задоцни за 0,165. Во финалето настапи и уште еден Британец.

– Целта беше да ги освоиме првото, второто и третото место, но успеавме да ги освоиме само првото и второто, што е исто така неверојатно. Бев подготвен за оваа пригода. Последната недела или нешто повеќе имаше подеми и падови со моето тело, но можев да излезам тука, без оглед на тоа како се чувствував. Сепак, ова е наша доминација, тотална доминација на 100 метри – не го криеше своето задоволство славеникот Глејв, пренесе „Би-би-си“.
Во скок во далечина најдалеку отиде Гркот Милтијадис Тентоглу, кој скокна 8,44 метри, пред Швајцарецот Симон Ехамер (8,29), додека трет заврши Бугаринот Божидар Сарабојуков (8,26 м). Унгарскиот атлетичар Бенце Халаж триумфира во фрлање кладиво со резултат 84,25 метри, поставувајќи нов унгарски рекорд. Среброто замина кај Германецот Мерлин Хумел (81,30), а бронзата кај Украинецот Михаил Кохан (79,49).
Италијанската атлетичарка Надија Батоклети го освои златото во трката на 5.000 метри со време од 15:37,84 минути, среброто го освои Марта Гарсија од Шпанија (15:39:98), а бронзата ја освои Италијанката Микола Мајор (15:40:65).
До вторникот, по бројот на медали прва беше Британија со вкупно четири медали (две злата и две сребра), Италија имаше исто четири, од кои две злата, едно сребро и една бронза, а трета беше Холандија со две злата, едно сребро и една бронза.
Повеќе од 1.600 учесници од 48 држави се натпреваруваат во Бирмингем на ЕП, кое започна во понеделникот и ќе трае до 16 август, а маратонецот Дарио Ивановски ќе биде единствениот македонски претставник во Бирмингем. Тој ќе се трка на 16 август. Г.И.