Мексиканецот настапил 20 пати на СП (најдобар пласман му е 26-то место во слалом во 1982 и во 1985 година) и шест пати на ЗОИ. Тој не е само скијач, што е неговата најголема љубов, туку и поп-пејач, а се занимава и со фотографирање. Иако заврши со скијањето, тој, сепак, сакаше да им покаже на другите дека никогаш не е доцна да се остварат соништата

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – НА СП 2023 ВО ФРАНЦИЈА

Јапонскиот фудбалер Казујоши Мијура, кој на 26 февруари ќе наполни 56 години, а сега ќе настапува за португалскиот второлигаш Оливеиренсе, сепак, не е најстариот активен спортист. Него, и тоа за осум години, го надмина алпскиот скијач, Мексиканецот Хубертус вон Хохенлох, кој на Светското првенство (СП) во алпско скијање, кое вчера заврши во француските центри Куршевел и Мерибел, на 64-годишна возраст настапи во велеслаломската трка, што беше негов јубилеен 20-ти настап на мундијалите. За жал, не успеа да ја заврши првата трка.
– Мора да го почувствувате своето тело и потоа да одлучите што да правите. Ова беше моето последно СП. Веројатно поминав премногу време сончајќи се во Марбела и немав доволно време да поминам во фитнес-салата. Мојата сопруга мисли дека сум луд и постојано се плаши дека нешто ќе ми се случи – вели Хохенлох.
Скијањето е на маргините во Мексико, но Хубертус се труди максимално да го популаризира, па и тој самиот го основал тамошниот скијачки сојуз во 1981 година.
Овој сестран Мексиканец не е само скијач, што е неговата најголема љубов. Во Мексико е попознат како поп-пејач, а успева да се занимава и со фотографирање. Иако заврши со скијањето, тој, сепак, сакаше да им покаже на другите дека никогаш не е доцна да се остварат соништата.
Мексиканецот е добар пример за сите како да уживаат во животот. Дури и во подоцнежните години го прави она што го исполнува и што го посакува. Хубертус првпат настапи на Светското првенство во Шладминг во 1982 година, единственото го пропушти во 2007 година, во шведскиот град Оре, поради повреда. Иако тогаш имал 48 години, тој не ни помислувал да се пензионира. Напротив, скијачката кариера ја продолжи за уште 16 години. Негов најдобар пласман на светските првенства е 26-то место во слаломските трки во 1982 и во 1985 година. Хохенлох настапил и шест пати на Зимски олимписки игри (ЗОИ), првпат во Сараево во 1984 година, а последен пат во Сочи, пред девет години. Г.И.