Фото: ЕПА

Гукеш од Индија е најмладиот предизвикувач на светски првак, а сега ќе игра со актуелниот шампион Лирен од Кина, во обид да стане и најмладиот светски првак. Светската шампионка од 2017 година, Тан од Кина, ќе игра за титулата со сонародничката Венјун, во реприза од нивниот меч во 2018 година

ШАХ – ТУРНИРИ НА КАНДИДАТИТЕ

Индискиот велемајстор (ВМ) Домарају Гукеш (2.743 рејтинг-поени) во машка и ВМ од Кина, Жонгји Тан (2.521), во женска конкуренција се победници на Турнирите на кандидатите, кои во 14 кола се одиграа во Торонто (Канада). И двајцата освоија по девет поени (по пет победи, осум ремија и еден пораз).
Гукеш (17) стана најмладиот предизвикувач на светски првак, а сега ќе игра со актуелниот шампион Динг Лирен од Кина, во обид да стане и најмладиот светски првак. Рекордот го држи Русинот Гари Каспаров, со 22 години (во 1985 година).
На патот до успехот Гукеш ги победи Прагнананда Рамешбабу (2.747) и Гујрати Видит (2.727) од Индија, Алиреза Фирузја (2.760) од Франција, од кого го претрпе и единствениот пораз во седмото коло, и двапати Азербејџанецот Нијат Абасов (2.632).
– Ако треба точно да го одредам моментот каде што навистина чувствував дека ова може да биде мојот момент, тоа беше веројатно по седмата партија, откако загубив од Фирузја. Иако имав болен пораз, се чувствував апсолутно најдобро, можеби овој пораз ми даде толкава мотивација – изјавил Гукеш.
Гукеш е роден во Ченаи, во истото место каде што пораснал поранешниот светски првак Вишванатан Ананд. Тој имал седум години кога Магнус Карлсен првпат стана светски првак во 2013 година, а тој меч се одржа во неговиот роден град.
– Само што почнав да играм шах и се сеќавам дека ја посетив салата за играње. Тоа беше нешто големо. Само што почнав да играм шах и такво огромно нешто се случи во мојот роден град – рекол Гукеш.
Гукеш влезе во последното коло со половина поен предност и лесно одржа реми-позиција со црни фигури против директниот конкурент, Американецот Хикару Накамура (2.789). Во напната шестчасовна партија, Американецот Фабијано Каруана (2.803) не успеа да ја реализира добиената позиција против Русинот Јан Непомнијашчи (и двајцата имаа половина поен помалку од водечкиот) и ремизира во 109-от потег.
Гукеш во 2022 година направи голем пробив и од 2.614 рејтинг-поени во јануари стигна до 2.725 до крајот на годината. На патот кон влез во „клубот 2.700“, Гукеш освои четири отворени турнири во низа во Шпанија и го изненади шаховскиот свет, постигнувајќи осум победи во низа на Шаховската олимпијада (ШО) во родниот град.
Светската шампионка од 2017 година, Тан, убедливо победи со 1,5 поен повеќе од најблиските конкурентки. Таа имаше победничка предност против Украинката Ана Музичук (2.520), но и ремито ѝ беше доволно за првото место. Таа ќе игра против сонародничката Ју Венјун за титулата светска првенка, што ќе биде реприза од нивниот меч во 2018 година, кога загуби.
За обележување е и неверојатното враќање на Индијката Ваишали Рамешбабу (2.475), која по првите девет кола имаше само 2,5 поени, но потоа оствари неверојатни пет победи во низа, а во последното коло ја совлада Русинката Катерина Лагно (2.542), за да го подели второто место.
Табела (мажи): Гукеш девет, Накамура, Непомнијашчи и Каруана по 8,5, Прагнананда седум, Видит шест, Фирузја пет, Абасов 3,5 поени.
Табела (жени): Тан девет, Конеру, Леи и Ваишали по 7,5, Горјачкина седум, Лагно 6,5, Салимова и Музичук по 7,5 поени. Г.И.


НАЈМЛАДИ ПОБЕДНИЦИ НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ

ШАХИСТ ВОЗРАСТ ГОДИНА
Домарају Гукеш 17 год., 10 мес., 24 ден. 2024
Гари Каспаров 20 год., 11 мес., 27 ден. 1983/84
Магнус Карлсен 22 год., 2 мес., 4 ден. 2013
Михаил Таљ 22 год., 11 мес., 20 ден. 1959
Анатолиј Карпов 23 год., 5 мес., 30 ден. 1974
Вишванатан Ананд 25 год., 3 мес., 11 ден. 1994/95
Фабијано Каруана 25 год., 7 мес.,, 28 ден. 2018