ТЕНИС – НА МАСТЕРСОТ ВО СИНСИНАТИ
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ триумфира на мастерс-турнирот во Синсинати (САД), откако во големото финале го совлада младиот Шпанец и моментално прв на АТП-листата Карлос Алкараз (20), со 2-1 во сетови 5-7, 7-6 (9-7), 7-6 (7-4), и на најдобар можен начин му се реваншира за поразот во финалето на годинашниот гранслем-турнир во Вимблдон. Мечот траеше три часа и 48 минути и е најдолг дуел откако се игра овој турнир. За Ѓоковиќ ова беше и 39-та победа на мастерс-турнирите, а трет во Синсинати или вкупно 95-та победа во кариерата. Сѐ се решаваше во третиот сет, кој беше израмнет до седмиот гем, кога Ѓоковиќ направи брејк, а со реализирањето на петтата меч-топка стигна до посакуваниот трофеј.
Србинот со овој триумф собори уште еден рекорд, со 36 години влезе во историјата на мастерсот во Синсинати како највозрасен победник.
– Почнав добро, па физички се мачев, а Алкараз го искористи тоа, имаше сет и брејк. Потоа јас направив брејк, мислев дека имам шанса, се борев и верував, а и во третиот сет имав шанси, меч-поен при 5-3. Еден од највозбудливите и најтешки дуели во мојата кариера и психички, емотивно и физички – изјави меѓу другото по мечот Ѓоковиќ, кој, патем, има и најмногу освоени гранслем-турнири (23) во светот. Г.И.