Црвено-жолтите го совладаа Египет, а загубија од Јапонија и од Грција, додека првото место ѝ припадна на репрезентацијата на Грција

ОДБОЈКА – 47. МЕМОРИЈАЛ „БРАНКО ХАЏИИЉОСКИ-ЧАЈКА“

Македонската машка одбојкарска репрезентација го освои последното четврто место на традиционалниот меѓународен меморијален 47. по ред турнир „Бранко Хаџииљоски–Чајка“, кој во конкуренција на Јапонија, Египет, Јапонија и Македонија се одржа во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во рамките на подготовките за 33. Европско првенство (ЕП), група Ц, кое ќе се одржи годинава во Скопје (30 август – 6 септември). До почетокот на ЕП не се предвидени други контролни дуели за Македонија, а подготовките продолжуваат во Скопје.
На турнирот првото место го освои Грција (која загуби само од Египет), второто Јапонија, а третото Египет, додека четвртото место Македонија. Избраниците на селекторот на македонската селекција Јошко Миленковски во првиот натпревар загубија од Јапонија со 0-3 во сетови (20-25, 18-25, 20-25), во вториот меч, по голема борба го совладаа Египет со 3-2 (25-22, 22-25, 21-25, 25-23, 16-14), додека во третиот дуел повторно загубија, овој пат од Грција со 0-3 (23-25, 22-25, 16-25)
Она што најмногу може да радува е формата на најдобриот македонски одбојкар и капитен на репрезентацијата, Никола Ѓоргиев, кој беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на овој меѓународен турнир, што истовремено претставува уште едно ново признание во неговата богатата спортска колекција. Тој на турнирот реализира вкупно 60 поени, или против Јапонија 13, против Египет дури 32 и против Грција 15.
На годинашното ЕП во групата Ц во Скопје, репрезентацијата на Македонија прво ќе се сретне со Данска, на 30 август, три дена подоцна со Црна Гора, па ќе следува мечот со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска, на 3 септември, натпреварот со Холандија е на 5 септември, а следниот ден и дуелот со селекцијата на Чешка. Четирите најдобри репрезентации од оваа група ќе продолжат во осминафиналето, а натпреварите ќе се играат во италијанскиот град Бари. Г.И.