ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ФЕСТИВАЛ

Македонскиот биатлонец Петар Гиноски на 17. Европски младински зимски олимписки фестивал, кој се одржува до утре во Бакуријани (Грузија), вчера по вторпат се појави на патеката, овој пат во дисциплината спринт на 7,5 км, со две пукања. Во конкуренција на 63 натпреварувачи, тој низ целта мина 59-ти, постигнувајќи време од 28:39,3 минути. Првото место и златниот медал му припаднаа на полскиот натпреварувач Грегож Галица, со време од 21:03,4 минути.
Како што е познато, Гиноски претходно настапи поединечно во трката на 12,5 км со четири пукања, притоа освојувајќи го мошне солидното 46-то место во конкуренција на 64 учесници од 45 држави. Неговата посветеност и упорност сепак се неспорни.
– Гиноски во принцип е добар стрелец, но на оваа спринт-трка потфрли токму на стрелбата. На двете пукања имаше по три промашувања, односно вкупно заработи шест казнени круга од по 150 метри, што секако се одрази на крајниот резултат. Првиот настап дефинитивно му беше многу подобар – ни изјави неговиот тренер Ѓоко Динески.
Македонија во Бакуријани ја претставуваат четворица натпреварувачи, Петар Гиноски во биатлон, Евгениј Ристевски и Ангела Ристевска во сноуборд и Виктор Чакаровски во нордиско скијање, предводени од своите тренери. Г.И.