Екипата на Гамбит Асеко СЕЕ

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП ВО АВСТРИЈА

Во првото коло на ЕКК за шахистки, единствениот македонски претставник загуби од Памхаген (0,5-3,5), во второто убедливо славеше (4-0) на мечот со Зел Зирелтал, а во третото коло се сретна со Ерсте банк Баден, сите од Австрија. На ЕКК играат и три поранешни светски шампионки, Стефанова, Ушенина и Музичук, а на турнирот за шахисти настапуваат актуелниот Карлсен и некогашниот светски првак Ананд

Пораз и победа на македонскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ од Скопје во првите две кола на 26. Европски клупски куп (ЕКК) во шах за жени, кој се игра во австрискиот град Мајрхофен-Зилертал до 10 октомври. Македонија на ЕКК за мажи нема свој претставник. Гамбит Асеко СЕЕ, кој во 2015 година на Европскиот клупски куп во Скопје го освои сребрениот медал, што претставува најголем успех на македонскиот женски клупски шах, вчера во третото коло играше и против третиот австриски клуб на ЕКК 2022, Ерсте банк Баден (2.369, рангиран шести).

Во конкуренција на 17 екипи од 14 држави (79 шахистки, од кои седум ВМ, 18 ЖВМ) играат и три поранешни светски шампионки, Бугарката Антоанета Стефанова (во 2004 година) и Украинките Ана Ушенина (2012-та) и Марија Музичук (2015-та). Прв фаворит е Серкл д’Ечес од Монте Карло (просечно рангирање 2.476). Се играат вкупно седум кола на по четири табли.

На 37. ЕКК за мажи настапуваат 70 екипи од 26 држави (502 шахисти, 127 ВМ), од кои Холандија има дури шест екипи, а Германија и Белгија по пет. На ЕКК играат и актуелниот светски првак Магнус Карлсен (за норвешки Оферспил) и поранешниот, Индиецот Вишванатан Ананд (2000-2002 и 2007-2013, настапува за првиот фаворит, романски Супербет, со просечен рејтинг 2.713). Карлсен и Ананд ремизираа со своите ривали во првото коло, потоа во второто Карлсен победи, Ананд не настапи, а екипно тимовите победија.

Гамбит Асеко СЕЕ (просечен рејтинг 2.215, рангиран на 11-то место пред почетокот на турнирот), во првото коло загуби од австриски Памхаген (2.423, рангиран на третото место) со 0,5-3,5. Единствено ремизира со бели фигури ФМ Белослава Крастева (2.297) со ВМ Елина Даниелиан (2.431), а ЖВМ Викторија Радева (2.263), ЖИМ Сандра Ѓукиќ (2.138) и Ивана Манова (1.876) загубија од посилни шахистки. Во второто коло, Гамбит Асеко СЕЕ забележа максимална победа со 4-0 против австриски Зел Зирелтал (2.073, рангиран на 14-то место). Крастева со црни фигури ја победи ЖФМ Никола Мајрхубер (2.117), Радева ја надигра ЖФМ Јасмин-Денис Шлофер (2.086), ЖИМ Љиљана Дрљевиќ (2.172) беше подобра од Софи Конечни (1.848), а Ѓукиќ од Мин Ву (1.934). Г.И.