Фото: ЕПА

Актуелниот светски првак може денеска да стане првиот возач што освоил титула во Ф1 на спринтерска трка, но третата титула во низа ќе има можност да ја освои и на утрешната гранпри-трка во Катар. На Ферстапен му се потребни уште три бода од шесте трки и од трите преостанати спринта сезонава

ФОРМУЛА 1

Макс Ферстапен е на прагот да ја освои својата трета титула во низа во Формула 1 (Ф1) и тоа може да го оствари викендов, за време на трките во Катар. Пред две недели, 13-та победа на Ферстапен во неговата доминантна сезона, во Јапонија, му донесе 177 поени повеќе од тимскиот колега Серхио Перез, сега негов единствен преостанат математички конкурент, со само 180 преостанати поени во игра на шест гранпри-трки и три преостанати спринт-трки.
На Ферстапен му требаат само уште три бода за да им се приклучи на славните возачи со по три титули во Формула 1. Неговата прва шанса е денеска, а втората е утре. Ферстапен може да стане првиот возач што освоил титула во Формула 1 на спринтерска трка, ако денеска биде барем шести (шестото место носи три бода), без разлика кое место ќе го освои Перез. Во секој случај, ако Перез не биде меѓу најбрзите тројца на спринтот, Ферстапен ќе стане шампион, пишува „Скај спорт“.
Спринтовите беа воведени во Формула 1 само во одредени саботи во 2021 година, а таквата трка денеска е четврта од шесте за 2023 година. Дури и ако не ја заврши трката, а Перез победи, Ферстапен, сепак, ќе треба да освои само три бода на гранпри-трката утре или на која било трка во остатокот од сезоната, за да биде сигурен во освојување на титулата, без разлика на пласманите на Перез, пишува „Скај спорт“. Н.М.