Пред сѐ, среќен сум што успешно ги водевме сите големи натпреварувања на многу високо ниво, со зголемени наградни фондови и гледаност, како и настани што се одржаа на иконски локации. Ја завршуваме годината со проширена шаховска заедница во која се вклучени повеќе држави. Нашиот следен предизвик е како да ја направиме нашата база на гледачи уште поширока и да го направиме шахот комерцијално уште попривлечен, рече Дворкович
ШАХ – АРКАДИЈ ДВОРКОВИЧ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФИДЕ
Претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, во интервју за „Чесбејс Индија“, кое го пренесе ФИДЕ, зборуваше за активностите на ФИДЕ лани, за плановите за годинава, за случаите со кодексот на облекување, заедничката титула помеѓу Карлсен и Јан Непомнијашчи, шахот во слободен (Фишеров) стил…
Вашето размислување за минатата 2024 година, која беше исполнета со толку многу работи, како и за плановите во 2025 година?
– Пред сѐ, среќен сум што успешно ги водевме сите големи натпреварувања на многу високо ниво, со зголемени наградни фондови и гледаност, како и настани што се одржаа на иконски локации, вклучувајќи ги и последниот дел од Светското првенство (СП) во Сингапур и СП во забрзан и во брз шах во Њујорк. Тимот на ФИДЕ работеше напорно за да ги организира тие настани. Додека 2024-та беше година на некои големи настани и стогодишнина на ФИДЕ, 2025-та е за социјалната мисија на шахот, покрај сите големи настани. Ја завршуваме годината со проширена шаховска заедница, во која всушност се вклучени повеќе држави. Нашиот следен предизвик е како да ја направиме нашата база на гледачи уште поширока и да го направиме шахот комерцијално уште попривлечен.
На СП во Њујорк имаше два случаја, првиот беше со кодексот на облекување, а вториот делењето на првото место во брз шах.
– Временската разлика беше многу голема, а јас не бев добро, па, за жал, не бев присутен кога се носеше одлуката. Не критикувам никого инволвиран, ниту нашиот тим, ниту Магнус, кој го призна прекршувањето и беше подготвен да се усогласи со казните. Лично би предложил поинакво решение доколку би бил таму, но повторно станува збор за критикување некого. Тоа е само лекција што треба да ја научиме. Совршено знам дека Магнус немал намера да го прекрши кодексот на облекување. Тоа е најважниот дел за мене. Добро е што најдовме решение и Магнус можеше да учествува на СП во брз шах. Што се однесува до поделбата на титулата во брз шах, мислам дека е лекција во однос на регулативата.
Прописите не беа совршени. Во основа го создадовме ризикот дека може да трае вечно, што не е добро. По два турнира, никој не очекуваше дека може да заврши така, но Јан се врати во игра, го израмни резултатот и се случи тоа. Мојот аргумент во основа беше дека играчите немаат вистинска мотивација. Исто така, имаше само неколку часа до Нова година. Добро, спорт е и сите сакаме да се борат до самиот крај, но мотивацијата веќе беше намалена и беше тешко да се притиска и да се игра силно. Така што во тој момент не видов никакво друго решение и луѓето што беа во комуникација со мене не предложија друга опција.
Дали сега ќе има промени во кодексот на облекување?
– Повторно разговараме за кодексот на облекување и, нормално, тоа е во рацете на Комисијата на играчите. Ги следиме препораките што ни ги испраќаат и ги охрабрувам сите играчи што се заинтересирани за темата да контактираат со Комисијата за играчи. На играчите секако треба да им биде удобно. Од друга страна, настанот треба да изгледа стилски. Зборуваме за СП, а не за некаков фестивал каде што стилот може да биде целосно индивидуален. Само се договоривме дека не треба да изгледа целосно спортски, како да трчате на улица во спортски обувки и облека, а потоа да дојдете да играте на СП во шах. Тоа е поинаков вид спорт, затоа треба да најдеме рамнотежа и мислам дека повеќето врвни играчи го разбираат тоа.
Карлсен, најсилниот играч на светот во моментов, рече дека би сакал целото свое внимание да го насочи кон шахот во слободен стил и се претпоставува дека во 2025 година тие имаат намера да направат цела турнеја во слободен стил. Се чувствува како да се случуваат некакви две паралелни работи. Каков е вашиот став за целата оваа ситуација?
– Пред сѐ, верувам дека интегритетот на шаховското семејство е клучен за шахот да остане привлечен за секого. Создавањето хаос во шаховскиот свет нема да биде корисно. Ни требаат интегритет и соработка во шаховскиот свет. Второ, Магнус беше малку пофлексибилен отколку само да каже дека ќе се концентрира само на шахот во слободен стил. Тој рече дека ќе се фокусира на побрзи формати, е-спорт и шах во слободен стил. Мислам дека сака да игра во овие забрзани и брзи настани. Тој напомена дека со задоволство би учествувал на Светски куп во е-спорт организиран во Саудиска Арабија. Ние уште работиме со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за да се осигуриме дека шахот е дел од игрите на олимписките спортови. Шаховскиот свет се шири. Новите формати се добри и јас лично ја поздравувам иницијативата да се зајакне и Фишеровиот шах или шах 960 или, како што го нарекуваат тие, шах во слободен стил. Ние, всушност, организиравме две СП во слободен шах, но нашите врвни приоритети остануваат првенствата во класичен шах и забрзани и брзи шампионати. Подготвени сме да размислиме да дадеме само дозвола за одобрување, за да го направиме тоа врз основа на разбирањето дека ФИДЕ е управно тело во шахот, и го одобруваме овој нов проект. Тоа би решило сѐ. Нашата повелба е признаена од ИOK, што е многу важно за целиот свет и секој треба да го почитува тоа. Значи, ние сме многу отворени за наоѓање решение и веруваме дека станува збор за добра волја од нашите потенцијални партнери. Во овој случај ќе им дадеме одобрение или нема да го нарекуваат светско првенство. Многу е лесно да се најде и друго атрактивно име, но ние сме отворени за секое нормално решение. Г.И.