Во конкуренција на 64 учесници од 45 држави, Гиноски одушеви со својот настап, освојувајќи го 46-то место
ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ФЕСТИВАЛ
Одличен почеток на македонскиот биатлонец Петар Гиноски на Европскиот младински зимски олимписки фестивал, кој се одржува до недела во Бакуријани (Грузија). Вчера тој, во конкуренција на 64 учесници од 45 држави, одушеви со својот настап. Во првиот круг испука и погоди пет од пет во целта, во вториот и третиот круг по четири од пет, а последниот круг беше решавачки за тој да заврши на 46-то место, информираат од Македонскиот олимписки комитет (МОК). Со овој настап тој ги покажа своите амбиции и желба да ја претстави Македонија во најдобро светло. Неговата посветеност и упорност се неспорни, пишува МОК.
– Гиноски беше солиден, можеше да биде и перфектен, нешто што досега не сме го постигнале во скијањето. За него беше решавачко последното четврто пукање, а претходните три му беа перфектни. Но и од овој резултат сум задоволен, оти тука за секое промашување се додаваат 45 секунди и фактички тој за шест промашувања доби 4,5 минути дополнително време. В петок нѐ очекува дисциплината спринт со две пукања, трипати по 2,5 км и тогаш нема додаток на време, туку за секое промашување се добива истрчување дополнителен круг од 150 метри, а тој обично се поминува за 30 секунди. Тука условите се одлични, сместувањето и храната, исто така. Патеките се перфектни, а свеченото отворање помина одлично – ни изјави Ѓоко Динески, тренерот на Гиноски.
Македонија во Бакуријани ја претставуваат и Евгениј Ристевски и Ангела Ристевска во сноубординг и Виктор Чакаровски во нордиско скијање, предводени од своите тренери. Г.И.