На последниот натпреварувачки ден на Балканијадата за сениори во Тирана, машкиот екипен состав на Македонија освои сребрен медал во борби, што е вкупно 10-ти медал на ова натпреварување

КАРАТЕ

Македонската карате-репрезентација се врати од Балканијадата за сениори, која се одржа викендов во Тирана (Албанија), со 10 медали, во конкуренција на 294 натпреварувачи од 11 држави. На третиот и последен натпреварувачки ден, машкиот екипен состав на Македонија освои сребрен медал во борби, а настапи во состав Глигор Хаџи-Кимов, Емил Павлов, Берат Јакупи, Мурсел Мисини, Петар Спасеновски, Стефан Стојановиќ и Витомир Трајковски.
– Балканското првенство за сениори и ветерани во борби и во кати помина успешно од страна на нашите репрезентативци. Освоени се вкупно 10 медали, од кои еден е златен, пет сребрени и четири бронзени, што, секако, претставува голем успех – вели селекторот во борби Александар Кузмановски, кој заедно со селекторот во кати Стојан Андриевски, ја предводеше Македонија во Тирана со 39 натпреварувачи, од кои тројца беа во категоријата ветерани.
Со овој резултат, Македонија го надмина вкупниот број освоени медали од претходното Балканско првенство, лани во Белград (Србија), кога освои пет поединечни и два екипни медали. Сега вниманието на македонските каратисти ќе биде насочено кон Светското првенство (СП) за сениори, кое треба да се одржи во октомври во Будимпешта (Унгарија). Г.И.