Фото (Swimming magazine)

Американскиот пливач Рик Демонт можеби е оддалечен 11.000 километри од Зимските олимписки игри во Пекинг, но тој точно знае како е да се биде тинејџер во центарот на допинг-бура, како што е случајот со 15-годишната Русинка Камила Валиева, освојувачка на златен медал во уметничко лизгање во кинескиот главен град. Беше соопштено дека Валиева била позитивна на забранета супстанца пред Игрите, според резултатите од тестирањето објавени на 8 февруари.

Судот за спортска арбитража (ЦАС) денес и дозволи на Валиева да продолжи да се натпреварува на Олимписките игри во Пекинг, но таа сепак се соочува со истраги за нејзиниот допинг-случај, иако е малолетна.

За разлика од Валиева, Демонт немал толку среќа, кога како 16-годишен пливач освои златен медал за Соединетите Американски Држави на 400 метри слободно на Игрите во Минхен во 1972 година, станувајќи најмладиот олимписки шампион на таа должина во тоа време.

Тој тогаш целел кон повеќе златни медали, но сонот му бил уништен кога добил позитивен допинг-тест на ефедрин, супстанца пронајдена во неговите лекови за астма, кои што претходно им ги пријавил на медицинските лица на тимот на САД, пред Олимпијадата.

Но неговиот тим не го известил на време Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) што довело до одземање на златниот медал, па Демонт станал најмладиот олимписки спортист казнет за допинг, иако тоа не било по негова вина.

– Во тој момент од мојот живот во еден ден почувствував како од највисокото паднав на најниското ниво. Беше тоа премногу за 16-годишник. Беше повеќе отколку што можев да поднесам – изјавил Демонт, долгогодишниот пливач и тренер кој сега е успешен уметник, во телефонско интервју за „Ројтерс“ од неговиот дом во Тусон.

– Ако Валиева сака да разговара со мене, јас би сакал да поразговарам со неа. Во зависност од тоа што мисли дека е важно во животот, ќе биде добро, или барем се надевам дека е добро – рече Демонт, кој сега има 65 години.

Од амбициозен тинејџер до депресивните години

Демонт пред 50 години пристигнал во Минхен како амбициозен тинејџер со љубов кон пливањето и подготвен да ги тестира своите граници.

– По Минхен бев лут. Од позитивна личност, станав негативен. Бев лут, некогаш и насилен и тоа ме оддалечи од спортот уште една година – се присетил Демонт.

Во 1973 година Демонт продолжил да плива, освојувајќи ја светската титула во Белград, при што поставил светски рекорд на 400 метри победувајќи го Австралиецот Бред Купер, на кого му било доделено златото на Летните олимписки игри во Минхен.

Демонт, исто така, е првиот пливач кој должината од 400 метри ја препливал за помалку од четири минути.

– Мислев дека можеби со уривањето на границата на четирите минути, поставувањето на светски рекорд и победувањето на истите луѓе ќе се чувствувам подобро. Да, бев малку подобро, но тоа не го избриша она што никогаш не можеше да го избрише. Поминав низ неколку депресивни години, разочаран, депресивен, изгубен… Бев во темнина – рече Демонт.

Тој повторно забележал успех во 1977 година кога помогнал во поставувањето на уште еден светски рекорд во штафетата 4 пати 100 метри.

– Ми требаше многу време за да ја надминам темнината. Што се однесува до Олимпијадата, ми требаа најмалку 20 години за да кажеме дека се чувствувам добро – рече тој.

Демонт кој е член на Меѓународната пливачка куќа на славните, рече дека може само да замисли низ што се поминува Валиева со оглед на притисокот врз младата лизгачка.

– Имав голема поддршка во мојата земја од луѓе кои веруваа во мене, ме поддржуваа и ми помогнаа да ја надминам ситуацијата – рече тој.

Во 2001 имало повторно разгледување на неговиот случај, од тогашниот Обединет државен олимписки комитет, и Демонт бил ослободен од било каков престап, а медицинските лица ја прифатиле одговорноста за грешката. Сепак, неговиот медал, кој чесно го освоил, не му бил вратен од страна на МОК.