БОКС
Црногорецот Стефан Савковиќ е победник на 51-то издание на традиционалната меѓународна боксерска манифестација „Златен гонг“, која се одржа во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој во финалната борба (категоријата до 71 кг), со 2-0 го победи Патриот Бехрами од Косово. Трофејот на победникот му го предаде претседателот на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), Примислав Димовски.
На „Златниот гонг“, на кој настапија шеесетина боксери, за најдобар македонски боксер е прогласен Халим Насуфи, најперспективен е Хавиер Дијаз од Бугарија, најдобар техничар Англичанецот Џорџ Кроти, најферплеј-натпреварувач Албанецот Ајрон Кајоши, најдобар странски боксер Дионис Гаши од Косово, а за најборбен дуел е прогласен мечот помеѓу Србинот Тадија Николовски и Швеѓанецот Генти Морина. Признанието за најуспешен тренер му припадна на Унгарецот Кароли Балаш, а за најдобар судија на Хилари Лисен од Англија.
Од шесте македонски боксери што настапија, златни медали освоија Дион Лена (категорија до 60 кг) и Халим Насуфи (71 кг), Оран Шакировски (57 кг) и Ален Рустемов (57 кг) ги загубија финалните борби, додека Илхан Озмен (63,5) не настапи во финалето поради повреда добиена во полуфиналето. Г.И.