На СП за жени во забрзан шах во Полска, Грузија вторпат во својата историја стана светски екипен шампион во забрзан шах

ШАХ

На штотуку завршеното екипно Светско првенство (СП) за жени во забрзан шах во Полска првото место го освои репрезентацијата на Грузија и со тоа вторпат во својата историја стана светски екипен шампион во забрзан шах. Членките на ШК Алкалоид, велемајсторот (ВМ) Бела Котенашвили и интернационалниот мајстор (ВМ) Лела Јавакхишвили, одиграа клучна улога во остварувањето на овој голем успех. Пред неполн месец тие со екипата на ШК Алкалоид го освоија првенството на Македонија за жени.
За Грузија настапија и ИМ Мери Арабидѕе, ВМ Нино Батсиашвили и ИМ Саломе Мелиа. Грузија во ист состав стана светски првак и во 2015 година. Повторувајќи го тој успех, Грузија ја продолжи низата одлични резултати на европските и на светските првенства во женска конкуренција, потврдувајќи го статусот на шаховска велесила. Грузија има и две светски шампионки во минатото, Нона Гаприндашвили (1962-1978) и Маја Чибурданидѕе (1978-1991).
На СП настапија најдобрите 12 селекции, првопласираните четири од двете група играа по куп-систем, а во секое коло се играа по два меча. Грузија стигна до трофејот победувајќи ја во четврт-финалето Кина. Најнеизвесен беше дуелот во полуфиналето со САД, кој Грузијките го добија во т.н. тајбрејк, откако по првите два меча резултатот беше нерешен. Во финалето искусната репрезентација на Грузија оствари убедлива победа над младата и талентирана селекција на Казахстан, славејќи во двата меча, со 2,5-1,5 и со 3,5-0,5. Г.И.