На турнирот во силна конкуренција настапија 1.300 натпреварувачи од 12 земји
ТУРНИР „АРАНЃЕЛОВАЦ ОПЕН 2025“
Карате-сезоната за скопски Металург почна, и тоа за најмладите. Прв меѓународен турнир на кој настапија членовите на овој клуб, од кој поникнаа многу познати македонски каратисти што го прославија македонското карате во светот, беше настапот на пионерите на меѓународниот турнир „Аранѓеловац опен 2025“, кој се одржа викендов во Србија. На турнирот во силна конкуренција настапија 1.300 натпреварувачи од Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Шпанија, Романија, Унгарија, Јапонија, Швајцарија, Англија и од Бугарија.
Матеј Крстевски и Кирил Цветковски освоија бронзени медали во своите категории, а заедно со Меритон Зејнели и со Михаил Петров освоија сребро екипно во борби во возрасната категорија постари пионери. Матеј Велиновски и Јован Наумов освоија бронзи екипно во борби во пионерска конкуренција. Матеа Груевска и Матеј Велиновски по одличните три добиени борби, изгубија во репасажот за третата позиција.
– Задоволни сме од прикажаното на нашите надежи на турнирот во Србија, но секогаш можеме многу повеќе. Настапот на овој турнир беше прв контролен турнир за помладите категории, кои треба да се подготвуваат за настап за државното првенство за пионери во април, кое наедно е и изборен турнир за репрезентацијата што ќе настапи на Балканското првенство за пионери во Атина – ни изјави тренерот на КК Металург, Амир Беговиќ. Г.И.