Ексклузивно беа прикажани 40 прекрасни фотографии поврзани со успешната животна приказна и спортска кариера на големиот македонски борач и шампион
ПО ПОВОД 40 ГОДИНИ ОД МАКЕДОНСКОТО ОЛИМПИСКО ЗЛАТО ВО ЛОС АНЏЕЛЕС
По повод 40 години откако го освои златниот медал на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 1984 година, легендарниот македонски борач во слободен стил Шабан Трстена во саботата свечено ја отвори прекрасната спортска изложба посветена на неговата 20-годишна импресивна спортска кариера. Тој сѐ уште е најмлад олимписки шампион во борење во историјата, спортист што освои најзначајни медали во историјата на спортот во Македонија.
Шабан Трстена на десетти август 1984 година го оствари својот сон, освојувајќи го на 19 години најсјајниот светски спортски медал. По тој повод во Национална галерија на објектот „Чифте-амам“ во Скопје, голем број и видни, близу стотина присутни гости од земјава и од странство, беа сведоци на историската изложба во која ексклузивно се прикажани 40 фотографии поврзани со успешната животна приказна и спортска кариера на големиот борач и шампион. Трстена е миленик на многумина во Македонија, регионот и во светот.
Тоа, пак, беше убава шанса присутните да се потсетат на успесите на големиот спортски амбасадор на Македонија, кој се натпреваруваше во слободен стил, а кого повредата на коленото го спречи да победи во финалето на ЛОИ во Сеул во 1988 година, каде што се закити со сребро. На ЛОИ во Атланта во 1996 година, Трстена заврши на одличното петто место.
Во пребогатата колекција на трофеи и признанија, Трстена има осум медали од европските првенства (две злата, по три сребра и три бронзи), носител е на бронзен медал како 17-годишник на Светското првенство (СП) во Катовице (Полска) во 1982 година, а се избори и за три златни медали во неговите три настапи на Медитеранските игри…
Трстена двапати беше прогласуван и за најдобар борач во Европа и во светот. Тој е единствен од Македонија што беше избран за спортист на годината во поранешна СФРЈ (1984), а седум пати беше прогласен за најдобар спортист на годината во Македонија… Ж.З.