Фото: ЕПА

Во воведното коло се среќаваат, на пример, Де Минаур – Раониќ, Рибакина – Плишкова, Тим – Ожер-Алиасим, Осака – Гарсија, Беретини – Циципас, единствениот дуел во кој не играат носители или носителки е Колинс – Кербер, а мечот Швјонтек – Кенин е и реприза на финалето на Ролан Гарос од 2020 година. Ланските победници на Австралија опен треба да ги играат првите мечеви утре, и тоа Ѓоковиќ со Прижмиќ, а Сабаленка со Зајдел

ТЕНИС

Со мечевите утре почнува 112-то издание на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен, на кој веќе во првото коло ќе има интересни дуели, ќе играат шампиони, финалисти… на гранслем-турнирите, некогашни број 1 во светот… Австралија опен на својата интернет-страница издвои неколку дуели од првото коло во машка и во женска конкуренција.
Така, во првото коло на турнирот во Мелбурн играат, на пример, Алекс де Минаур (Австралија) – Милош Раониќ (Канада), Елена Рибакина (Казахстан) – Каролина Плишкова (Чешка), Френсис Тиафо (САД) – Борна Чориќ (Хрватска), Доминик Тим (Австрија) – Феликс Ожер-Алиасим (Канада), Даниела Колинс (САД) – Анџелик Кербер (Германија), Ига Швјонтек (Полска) – Софија Кенин (САД), Наоми Осака (Јапонија) – Каролин Гарсија (Франција), Матео Беретини (Италија) – Стефанос Циципас (Грција)…
Од учесниците во овие дуели, Беретини, на пример, е вицешампионот на Вимблдон во 2021 година, а Циципас двапати финалист на гранслем-турнирите (лани на Австралија опен и во 2021 година на Ролан Гарос). Тие се сретнаа во првото коло во Мелбурн пред пет години. Рибакина, ланската финалистка на Австралија опен и шампионка на Вимблдон од 2022 година игра со вицешампионката на тој турнир во Лондон од 2021 година (и поранешна бр. 1 во светот), Плишкова. Тим, кој паузираше поради повреда на зглобот во средината на 2021 година, откако го освои САД опен во 2020 година, во Мелбурн се среќава со Ожер-Алиасим, кој беше полуфиналист на САД опен во 2021 година и беше четвртфиналист на Австралија опен пред две години.
Единствениот натпревар од горенаведените во кој не играат носители или носителки е дуелот на Кербер, поранешната шампионка на Австралија опен (2016 година, кога победи и на САД опен, а освои трофеј и на Вимблдон во 2018 година), со Колинс, вицешампионката во Мелбурн од 2022 година. Светската тенисерка број 1 и четирикратна шампионка на гранслем-турнирите (во 2020, 2022 и во 2023 година на Ролан Гарос и во 2022 година на САД опен), Швјонтек, се среќава со победничката на Австралија опен во 2020 година, Кенин, а дуелот е и реприза на финалето на Ролан Гарос во 2020 година. Осака, четирикратната гранслем-шампионка (Австралија опен во 2019 и 2021 година и САД опен во 2018 и 2020 година), игра по 15-месечната пауза, која вклучуваше раѓање на нејзиното прво дете, а се среќава со Гарсија, која се врати меѓу првите пет во 2022 година, кога победи во Синсинати и на ВТА-финалето и стигна до полуфиналето на САД опен, пишува Австралија опен.
Ланските победници на Австралија опен треба да ги играат првите мечеви утре, и тоа Новак Ѓоковиќ (Србија) со Дино Прижмиќ (Хрватска), а Арина Сабаленка (Белорусија) со Ела Зајдел (Германија). Н.М.