…Александар Македонски заедно со Христо Ботев ја бранеше Бугарија од Турците…

На понижувањето кон нас Македонците му нема крај, а сега најново е промената на личните документи со придавката „Северна“! Наводно, патните исправи што го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на започнувањето на примената на Законот за патни исправи ќе важеле до истекот на рокот на важење што е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година. Геноцидна егзекуција на дело, и тоа сега и овде. Нели им беше доволно што нѐ избришаа во Пиринска и Егејска Македонија, а сега сакаат и тука во „Републиката“ да нѐ снема и да исчезнеме

До каде ќе оди антимакедонизмот?! Нѐ тераат ли антимакедонистите (термин резервиран за сите оние што сакаат да нѐ избришат на геноциден начин од лицето на земјата) ние денес да живееме бесмислено, очајно и во отсуство на надеж за подобар и поквалитетен живот исполнет со достоинство и заемна почит и да уживаме во нашата слобода како Македонци?! Се обидуваат ли овие антимакедонски гавази да ни ја искриват реалната слика за животот и вистината на сето она што е околу нас и да нѐ држат постојано во заблуди, лаги и потчинетост?!
На ваквото понижување кон нас Македонците му нема крај, а сега најново е промената на личните документи со придавката „Северна“! Наводно, патните исправи што го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на започнувањето на примената на Законот за патни исправи ќе важеле до истекот на рокот на важење што е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година. Геноцидна егзекуција на дело, и тоа сега и овде. Нели им беше доволно што нѐ избришаа во Пиринска и Егејска Македонија, а сега сакаат и тука во „Републиката“ да нѐ снема и да исчезнеме.
Но нема да им успее, иако тоа го прават многу софистицирано за да ги скријат сопствената немоќ и некадарност, сопствената грдост и грубост, сопствената глупост и алчност и, секако, љубомората кон оние што не се како нив затруени од омраза и не сакаат да бидат како нив битисани, пропаднати и анатемисани.
Иако ваквото дрско и деспотско однесување за промена на патните исправи пополека претставува невозможна мисија, па и самите тие сакаат да ја пролонгираат, би ги потсетил само да имаат предвид дека ова не ѝ успеа и на Молдавија во случајот против Чиуботару, писател и професор по француски јазик. Тој ја победи Молдавија и ја стави на столбот на срамот пред Европскиот суд за човекови права за повреда на неговото право на почитување на приватниот живот. Нека не се надеваат овие антимакедонски гавази дека нема да ги снајде судбината на Молдавија…
Па така, ништо ново под сонцето, како за сите така и за нас Македонците, сѐ е веќе видено, методите се исти, само времињата се различни, исто како во периодот од 1947 до 1953 година. Тогаш во Пиринска Македонија, бугарската држава, обидувајќи се да ја задуши или да направи како никогаш да ја немало и како да не постоела „културната автономија на Македонците во Бугарија“, впрегнувајќи ги бугарските институции, им ги одзема старите лични документи на Македонците во кои јасно била наведена националноста Македонец и вршела замена со нови лични документи во кои стоела националноста Бугарин.
Факт што е запишан не само во историографијата и литературата, а има и сѐ уште живи сведоци за овој настан и е дел од колективната меморија на македонското население до ден-денешен.

За овој настан, покрај другите извори, детално ни опишува во својата автобиографија „Со рогови и копита“ Иван Ѓорги Сингартијски, Македонец од Пиринска Македонија, каде што тој ќе напише: „Во полициската станица другарот Пирперов ми се обрати насилнички со зборовите – Сингартијски ова е последна инстанција која ти наредува да си го смениш пасошот… Македонци нема!… Го послушав уште малку и осетив дека душата ми се стега и го прашав: – ’Вие дали сте слушнале или прочитале нешто за Александар Македонски‘, тој ми одговори – ’Остави го Александар Македонски. Па кој не го знае него. Заедно со Христо Ботев ја бранел Бугарија од Турците. Тој е еден голем патриот и родољубив Бугарин’“.
Ваквата саркастична аргументација од тоа време не е воопшто далеку од денешната состојба на работите кога се сака да се ограничи слободата на движење, да се прекрши правото на приватност, а со цел да се влијае врз промена на идентитетот на Македонците.
Името, полот, религијата, етничкиот идентитет на поединецот претставуваат суштински аспект на приватен живот каде што евидентираниот етнички идентитет на поединецот е одлучувачки за утврдувањето на етничкиот идентитет на неговите или нејзините деца и на следните генерации.
Спротивно на овој принцип е и одлуката на Уставниот суд од 5 јуни 2023 година, со која привремено се става надвор од употреба упатството на министерот за правда, со кое се издава извод на родени во кој има графа за етничка припадност. Уставниот суд смета дека не треба да се става графата за етничка припадност во изводите на родените.
Иронијата започнува од фактот што во матичните книги (кои се за внатрешна употреба) постојат овие податоци, а во изводот од матична книга (кој служи за надворешна употреба) не смее да стои етничката припадност. Најверојатно забраната за употреба на терминот Македонец се ефектуира со тоа што не се дозволува овие изводи на матични книги да се употребуваат пред други држави и меѓународниот организации.

Но спротивно на ова, Европскиот суд за човекови права во своите пресуди за предметите Бургарц против Швајцарија и Кристин Гудвин против Обединетото Кралство ќе наведе: „Оваа лична автономија е принцип каде што се дава заштита на личната сфера на секој поединец, вклучувајќи го и правото да се утврдат детали за неговиот етнички идентитет како индивидуално човечки суштества“.
Ќе изгуби ли повторно Македонија пред Европскиот суд за човекови права?!
Антимакедонизмот не избира ниту средства ниту начин да стигне до својата цел, но очигледно го водат неуки и некадарни, кои не можат да увидат дека нивните постапки се нелегитимни и веќе се пресретнати од правото на еден народ да се бори за својата слобода.
Кој ќе им суди? – Секако некој ќе им суди, можеби тоа ќе бидат и судиите од подземниот антички Ад, каде што Еак им судел на западњаците, Радамант на источњаците, а Минос го имал одлучувачкиот глас. Сѐ во свое време, трпението е најгорко, но има најслатки плодови.