Фото: Пиксабеј / Илустрација

Американската војска рано утринава изврши нов напад врз позициите на Хутите во Јемен, еден ден откако САД и Велика Британија ги почнаа своите воздушни напади врз цели на Хутите во оваа земја, пренесува ДПА.

Централната команда на САД соопшти дека во „продолжение на акцијата“ рано утринава била нападната локацијата на која се наоѓал радар на Хутите, а нападот го извршил поморскиот разурнувач „Карни“ со ракети Томахавк.

Во Сана, главниот град на Јемен, утринава била слушната силна експлозија.

Си-eн-eн, повикувајќи се на американски функционер, јави дека нападите биле значително помали од претходната ноќ.

Хутите вчера истрелаа најмалку една противбродска балистичка ракета врз комерцијален брод, додаде телевизијата од Атланта.

Телевизискиот канал Ал Масира, контролиран од Хутите, рано утринава објави дека САД и Велика Британија го напаѓаат главниот град на Јемен, Сана.

На првиот ден од нападот на САД и Велика Британија врз позициите на Хутите во петокот беа гаѓани 28 локации и повеќе од 60 цели. Вашингтон и Лондон објавија дека акцијата ја извршиле поради нападите на Хутите врз бродови во Црвеното Море.

Претседателот Џо Бајден вчера предупреди дека Хутите може да се соочат со нови напади.