Во следното коло играме со Исланд и тоа ќе биде уште еден директен дуел со екипа што атакува на една од првите три позиции на овој турнир, вели капитенот на Алкалоид, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ
ШАХ – СП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА
Четирите македонски претставници освоија три бода во шестото коло на Светското првенство (СП) за ветерани во категориите над 50 и над 65 години, во Струга. Во категоријата над 50 години, екипата на Алкалоид (2.436 рејтинг-поени, рангирана четврта пред почетокот на турнирот) го оствари второто реми, овој пат со екипата на Англија 1 (2.467, рангирана втора). ВМ Кирил Георгиев загуби од ВМ Мајкл Адамс, ВМ Влатко Богдановски го победи Џонс Емс, ВМ Звонко Станојоски го совлада ВМ Кеит Аркел, а ВМ Роландо Кутиров го подели поенот со ВМ Најџел Дејвис.
И екипата Македонија слепи и слабовидни шахисти (1.818, рангирана 20-та) одигра нерешено со Финска (1.784, 21.). Жарко Селковски, Зоран Костадиновски, Санде Атанасов и Блаже Атанасовски ги поделија поените со своите ривали. Единствениот пораз во оваа категорија го претрпе женската екипа на Македонија, од Уругвај (1.909, рангирана 18-та), со 0-4. Маре Крстевска, Снежана Брзовска, Лиле Аларова и Хилда Црнеска ги загубија своите партии. Во категоријата над 65 години, екипата Македонија одигра 2-2 со Холандија. Цел поен освои на четвртата табла Миле Трајковски, загуби ФМ Александар Кралевски, а ФМ Љубомир Илиќ и Илија Стошевски ремизираа.
– Во следното седмо коло играме со Исланд и тоа ќе биде уште еден директен дуел со екипа што атакува на една од првите три позиции на овој турнир. Веќе игравме со САД, Англија и со Италија, кои беа подоброрангирани од нас, но Исланд е петта екипа според рејтингот. Сметам дека потешките противници ги поминавме, но Исланд е солидна екипа и овој меч би требало да биде своевидна разврска дали ќе ни појде од рака да влеземе во борбата за медали. Не се плашам, оти во минатото, на клупско и на репрезентативно ниво, во мечевите со претставниците на Исланд сме имале добри резултати – вели капитенот на Алкалоид, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
Последните три кола, секако, ќе бидат решавачки за распределбата на медалите и во двете конкуренции. Во категоријата над 50 години, со победата над Исланд (2,5-1,5), САД избија сами на врвот на табелата со 11 бода (17 поени по табли), втора е Италија, која откако ја совлада Австрија сега има 10 бода (16,5), трет е Исланд со девет (17), четврта е Англија со осум бода (14,5), колку што има и Алкалоид на петтата позиција. Македонија слепи и слабовидни шахисти е на 20-то место со четири бода (осум), а женската екипа на Македонија е 22. со еден бод (4,5).
Во конкуренцијата на ветерани над 65 години, екипата на Македонија е на својата почетна позиција, 18-та, со пет бода (10,5 по табли). Води прворангираната екипа на Германија, Ласкер шахштифунг, со максимални 12 бода (17,5 по табли), пред Англија 1 со 10 (16), Израел со девет бода (14)…
Поединечно, по табли, најуспешен шахист над 50 години е ВМ од Англија 1, Мајкл Адамс (2.662), кој на првата табла има пет поени од шест можни, а од македонските шахисти ВМ Станојоски (Алкалоид) со четири поени од шест партии на третата табла. Во категоријата над 65 години засега е прв германскиот ВМ Сергеј Калинитчев (2.377), кој игра на третата табла за Германија Ласкер шахштифунг со 5,5 поени од шест партии.
Вчера беше единствениот слободен ден, седмото коло се игра денеска, а дерби-дуелите се Италија – САД и Исланд – Алкалоид. Г.И.