Во заедничката декларација на Г20 се избегна директната и остра критика кон Москва
за војната со Украина. Украина, која не беше претставена на самитот, не беше задоволна. Од друга страна, големите сили, САД, Велика Британија, Русија и Кина, се согласија со текстот на декларацијата и изразија афирмативен став за исходот

Погледи: Рефлексии во експертската јавност на некои одлуки од неодамнешниот самит на Г20

Меѓународните аналитичари ја опишуваат заедничката декларација на Г20 како значајна дипломатска победа за Индија. Договорот за заедничка изјава во Делхи навидум изгледаше речиси невозможен. Но на крајот беше постигната декларација, која собра едногласна поддршка од сите земји-членки на Г20, без ниту една спротивставена страна.
Во заедничката декларација на Г20 се избегна директната и остра критика кон Москва за војната со Украина. Украина, која не беше претставена на самитот, не беше задоволна. Од друга страна, големите сили, САД, Велика Британија, Русија и Кина, се согласија со текстот на декларацијата и изразија афирмативен став за исходот. Земја што беше во улога да посредува за постигнување на декларацијата беше Индија, бидејќи има добри односи со Москва и со Западот. Во декларацијата се користеше јазик што ја задоволи Русија, но им даде доволно простор и на западните земји.

Западот ја гледа Индија како противтежа на Кина и не сакаше претседателството на Делхи да заврши без декларација

Во врска со ова прашање, кое несомнено привлече големо внимание во експертската јавност, свој осврт направија повеќе реномирани светски медиуми, анализирајќи што се случи за преку декларацијата на Г20 да се почувствуваат некакви индикатори на затоплување на односот меѓу Западот и Истокот во врска со руско-украинскиот конфликт, односно што придонесе за извонредната дипломатска победа на Индија.
Во својот текст за „Би-би-си“, Викас Пандеј и Сутик Бивас велат дека со внимателното читање на декларацијата и некои геополитички случувања во пресрет на самитот и претходно се добија некои интересни индиции.
– Групата БРИКС, која ги вклучува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, одлучи да вклучи шест нови членки за време на својот годишен самит во август. Новите членки Аргентина, Етиопија, Египет, Иран, Саудиска Арабија и ОАЕ имаат блиски врски со Кина. Проширувањето можеби немаше директна улога во исходот на самитот на Г20, но не е тајна дека Западот беше претпазлив поради зголеменото влијание на Кина, особено во светот во развој, во последните неколку години. Она што исто така не е тајна е дека Западот ја гледа Индија како противтежа на Кина и не сакаше претседателството на Делхи да заврши без декларација.
Ова значи дека имаше повеќе од една причина Западот да ѝ помогне на Индија да постигне консензус.

Главната точка беше да се стави крај на конфликтот во Украина и веќе не се користи флоскулата „агресија од страна на Руската Федерација против Украина“

Во анализата се истакнува дека во декларацијата на Г20 во Бали ланската година беше користен терминот „агресија од страна на Руската Федерација против Украина“, притоа забележувајќи приговори од некои членки на оваа процена. Изгледаше невозможно Западот да се согласи со јазик, кој е послаб од оној што се користеше во Бали, а Русија, исто така, посочи дека нема да се согласи со изјавата што ја обвинува за конфликтот.
Потребен беше напредок и Индија беше добро поставена да го посредува, бидејќи има добри односи со Москва и со Западот. На крајот, во декларацијата се користеше јазик што ја задоволи Русија, но им даде доволно простор и на западните земји. Наместо директно да ја критикува Русија, во декларацијата се вели дека „сите држави мора да се воздржат од закана или употреба на сила за да бараат територијално стекнување“, истовремено истакнувајќи „различни ставови и процени за состојбата“.
Иако декларацијата од Делхи се воздржува од обвинување на Русија за конфликтот, таа се однесува на „човечкото страдање и негативните последици од конфликтот во Украина врз глобалната безбедност на храната и енергијата“. На крајот, лидерите од Велика Британија, САД и од Франција се чинеше дека се согласуваат со Русија дека декларацијата е добар резултат на самитот. Двете страни, сепак, различно ги толкуваа формулациите.
Британскиот премиер Риши Сунак рече дека во декларацијата се користи „силен јазик, нагласувајќи го влијанието на конфликтот врз цените на храната и безбедноста на храната“. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го нарече самитот во Делхи пресвртница. Но неочекуваниот договор ја вознемири Украина бидејќи рече дека Г20 нема со што да се гордее.

Должничката криза со која се соочуваат многу земји во развој беше исто така
горлива тема

Земјите во развој постојано тврдат дека богатите земји мора да ја зголемат поддршката за да им помогнат на нивните економии. Тие земји беа особено погодени од пандемијата, а конфликтот ги влоши нивните предизвици. Светската банка во декември соопшти дека најсиромашните земји во светот должат 62 милијарди долари годишен долг кон доверителите, а две третини од нив се должи на Кина.
Декларацијата ја призна кризата и ги повика нациите од Г20 да го забрзаат спроведувањето на заедничката рамка (ЦФ) договорена во 2020 година за да им се помогне на ранливите нации. Во меѓувреме, групата се согласи за тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија до 2030 година, но не постави големи цели за намалување на емисиите, и покрај тоа што земјите од Г20 сочинуваат речиси 80 отсто од емисиите на стакленички гасови.
Клучно е што во декларацијата не се споменуваат никакви цели за намалување на употребата на сурова нафта, туку се таа фокусираше на постепено укинување на употребата на јаглен. Ова би ги задоволило производителите на сурова нафта како Саудиска Арабија и Русија. Дури и Индија и Кина се чувствуваа непријатно со тоа што Западот поставува цели за намалување на емисиите што тие ги сметаат за „нереални“.
Една тема што ја обедини групата уште пред самитот беше вклучувањето на Африканската унија во Г20. Тоа дополнително го зајакна притисокот на Делхи да им даде на земјите во развој на глобалниот југ поголем збор на глобалните платформи. Преговарач на руската влада рече дека ова бил еден од најтешките самити на Г20 во речиси 25-годишната историја на форумот. Останува да се види дали Г20 ќе ги зближи богатите и земјите во развој или ќе го дели светот на два табора.

Подготвил: Mарјан Велевски