Илустрација / Фото: Принтскрин

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Македонија, Д.Х. и други од земјава, со која утврди дека државата во ноември 2008 година, во полициската акција наречена „Сузбивање на улична проституција“, во која приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар, ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет.

Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи, без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови, пренесуваат од „ХОПС“.

Од сите приведени, додаваат оттаму, 23 сексуални работници, без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, биле задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а утредента биле однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде биле тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па пуштени на слобода.

За цело време додека биле лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им биле упатувани погрдни зборови и биле изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминале во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање.

Како што утврдил и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), жртвите лишени од слобода, во ситуација која единствено е под контрола на властите е одговорност на државата, а според ЕСЧП Владата не презентирала доволно докази кои убедливо докажуваат дека полициските власти ги земале предвид основните потреби на апликантите, вклучувајќи го и обезбедувањето храна, вода и пристап до тоалет за време на престојот во полициската станица. Дополнително, објавување на фотографии од полициската станица од кои може да се утврди идентитетот на жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи претставува повреда на правото на приватен живот.