Четирите гранслем-турнири (Австралија опен, Ролан Гарос, Вимблдон и САД опен), машката (АТП) и женската тениска асоцијација (ВТА), како и Меѓународната тениска федерација (ИТФ), ги потврдиле разговорите за создавање фонд за поддршка за пониско рангираните тенисери што се директно погодени од пандемијата на коронавирусот.

– Со толку неизвесност за тоа кога ќе биде безбедно да се рестартираат професионалните тениски турнеи, меѓународните управни тела на светскиот тенис може да потврдат дека се во дискусии за да создадат програма за помош на играчи, за да ја обезбедат многу потребната помош за играчите што се особено погодени за време на оваа криза со коронавирусот. Деталите се финализираат, а објавувањето се очекува во блиска иднина. Здравјето и безбедноста на сите што се вклучени во тенисот е апсолутен приоритет за сите раководни тела, а тениската заедница е непоколеблива да ја игра својата улога во ограничувањето на ширењето на инфекцијата.

Знаеме дека за нашите играчи, како и за толку многу луѓе во светот, има потреба од финансиска поддршка на оние на кои им е најпотребна и со нетрпение очекуваме наскоро да ги финализираме и да ги споделиме понатамошните детали за планот – пишува, меѓу другото, во заедничкото соопштение на седумте тениски организации.