Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ го освои тенискиот гранслем-турнир „Австралија опен“ по рекорден седми пат, совладувајќи го убедливо големиот ривал Рафаел Надал со 6-3, 6-2, 6-3 по сетови, во финалето одиграно во Мелбурн.

Ѓоковиќ одигра безмалку совршен меч, правејќи девет неизнудени грешки, наспроти 28 на Надал (34 наспроти 21 во директни поени за победникот). Згора, Србинот искористи пет од осумте шанси за брејк, додека Шпанецот не успеа да ја реализира единствената прилика за одземање на сервисот на противникот.

Завршниот дуел траеше два часа и четири минути, за разлика од епското финале во Мелбурн помеѓу истите ривали во 2012 година, во кое Ѓоковиќ славеше по пет часа и 53 минути игра.

Популарниот Ноле сега има вкупно 15 гранслем-трофеи, со што се доближи до Надал кој има 17, односно до Роже Федерер кој е најуспешен со 20 пехари од гранслем-турнирите.