Тестирањето на актуелните автомобили е ограничено според правилата на Формула 1, па за овие првични тестови генерално ќе се користат двегодишните автомобили, бидејќи тие овозможуваат многу поголема километража, пишува „Би-би-си“. Сезоната треба да почне во Австрија, на 5 јули, а во моментов се договорени вкупно осум трки, сите во Европа

Формула 1, чија сезона допрва треба да почне, а беше одложена поради пандемијата на коронавирусот, минатата недела најави распоред со осум трки, а сезоната треба да почне во Австрија, на 5 јули. По две трки треба да има во Австрија и во Велика Британија, а по една трка треба да се вози во Унгарија, Шпанија, Белгија и во Италија, до 6 септември.

Ф1 беше принудена да ги одложи или откаже првите 10 трки во сезоната како резултат на кризата со коронавирусот, но сега го објави ревидираниот првичен календар.

Сите трки ќе бидат според строги правила за физичка дистанца и упатства за тестирање на коронавирус за да се обезбеди минимален ризик, пишува „Би-би-си“. Екипите ќе патуваат со чартер-авиони, ќе престојуваат во одделни хотели едни од други, без да биде дозволено мешање на патеката.
Тимскиот персонал и возачите ќе бидат тестирани пред да патуваат на настанот и на секои два дена додека се таму, а тимовите ќе бидат разделени за да се ограничи контакт меѓу луѓето, пишува „Би-би-си“. Сите прес-конференции ќе бидат виртуелни, дури и за оние што ќе присуствуваат на трката.

Тимовите се вратија на работа неделава. Тестирањето на актуелните автомобили е ограничено според правилата на Формула 1 за изминати километри, што значи дека за овие првични тестови генерално ќе се користат двегодишните автомобили, бидејќи тие овозможуваат многу поголема километража, пишува „Би-би-си“.
По трките во Австрија на 5 и на 12 јули, следуваат натпреварите во Унгарија на 19 јули, во Велика Британија на 2 и на 9 август, во Шпанија на 16 август, во Белгија на 30 август и во Италија на 6 септември.