Болиди со „режим за напад“

Автомобилите се напојуваат со батерија, гумите по трката може да се рециклираат, гледачите се поттикнати да користат јавен превоз…

Со денешната трета трка во сезоната во Сантијаго (Чиле), продолжува првенството во Формула Е (електрични автомобили), најчистата тркачка серија во мотоспорт, пишува „Би-би-си“.
Во првите две трки, двете во Саудиска Арабија во ноември лани, победија британските возачи, Сем Бирџ и Александар Симс. По една од најспектакуларните пресметки во историјата на првенството минатата сезона, главниот град на Чиле повторно е домаќин, а акцијата на патеката се враќа во паркот О`Хигинс.

Сезонава се предвидени вкупно 14 трки во 12 града. Првенството во Формула Е се одржува од 2014 година. Автомобилите се напојуваат со батерија, која е направена со 100 отсто обновливо гориво (сега со можност да траат за време на целата трка), а гумите по трката може да се рециклираат. Гледачите, пак, се поттикнати да користат јавен превоз за да дојдат на настанот, без простор за јавно паркирање автомобили, пишува „Би-би-си“.

Во трките од неодамна се користи и т.н. „режим за напад“, што на возачите им дава забрзување откако ќе возат низ одреден дел на патеката. Идејата е да се воведе дополнителна непредвидливост во трките, а употребата на овој режим од возачот може да има ефект врз резултатот во трката. За да го активираат овој режим, возачите ќе треба да го подготват автомобилот, да возат низ зоната за активирање и само таму ќе можат да соберат дополнителна моќност, за дополнителна брзина, која може да ја искористат во неколку круга. Деталите за режимот на напад (бројот, времетраењето и минималното количество колку пати возачите можат да го користат) ги одлучува ФИА еден час пред трката, што значи дека тимовите и возачите имаат само 60 минути да одлучат за стратегијата за трката, пишува на официјалната интернет-страница на Формула Е.