Сериозно работиме на проект за трка за жени и сакаме тоа да биде што е можно поскоро. Сакаме да комуницираме со сите, не само со 50 отсто од населението, рече директорот на трката, Кристијан Прудом

Организаторите на најпознатата велосипедска трка во светот, Тур де Франс, најавија дека наскоро планираат воведување и женска етапна трка. Во интервјуто за „Ле телеграма“, директорот на трката, Кристијан Прудом, рече дека се размислува за повеќедневна трка, нешто што се спомнуваше и лани.

– Сериозно работиме на проект за трка за жени и сакаме тоа да биде што е можно поскоро. Сакаме да комуницираме со сите, не само со 50 отсто од населението – рече Прудом.

Спортската организација Амори (АСО), која е организатор на трката околу Франција, лани најави дека се размислува за трка за жени, еквивалент на трката за мажи, која е една од трите грантур-трки (заедно со Џиро д`Италија и Вуелта), но не рече дека тоа би била Тур де Франс за жени. Од АСО велат дека би било „логистички невозможно“ во исто време да има машка и женска трка Тур де Франс, став што го потврди и Прудом.
Првата верзија на женски Тур де Франс се одржа во 50-тите години на минатиот век.

АСО лансира своја верзија на женскиот Тур де Франс помеѓу 1984 и 1989 година. Постоеја и други верзии, во текот на 90-тите и раните 2000-ти. Во 2014 година, по петицијата и многуте барања, АСО организира женска еднодневна трка. Годинашното седмо издание е закажано за 19 јули, кога ќе се вози последната етапа на машкиот Тур де Франс. Велосипедистките ќе извозат 13 круга околу Елисејските Полиња во Париз, вкупно 90 км, како и во 2014-та. Во претходните години делниците се менуваа и се возеа по еден ден, со исклучок на експерименталната, дводневна трка во 2017 година, со искачување на фамозниот врв Кол д’Изоар, истиот ден кога мажите ја возеа 18-та етапа.