Претседателот на ИОК, Томас Бах, изјави дека менувањето на протоколот е направено за да им се овозможи на двата пола рамноправно да бидат претставени на еден од најгледаните настани на Игрите

Националните олимписки тимови ќе можат да назначат маж и жена заедно за носители на знамињата на церемонијата на свеченото отворање на Летните олимписки игри (ЛОИ), во Токио летово. Со ваквата одлука Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ја менува старата традиција за да испрати порака за родовата еднаквост.

Претседателот на ИОК, Томас Бах, изјави дека менувањето на протоколот е направено за да им се овозможи на двата пола рамноправно да бидат претставени на еден од најгледаните настани на Игрите. На церемонијата на отворањето, спортистите од сите земји влегуваат на стадионот предводени од знаменосецот, обично водечкиот спортист или спортистка или спортист или спортистка со медали на најголемите спортски настани.

ИОК, исто така, рече дека во секоја од 206-те земји, односно делегации што ќе се натпреваруваат во Токио, ќе мора да има најмалку по еден спортист и една спортистка во тимот.

– Ги охрабруваме сите национални олимписки комитети да ја искористат оваа опција (на двојни носители на знамиња). Со овие две иницијативи, ИОК испраќа уште една исклучително силна порака до светот дека родовиот баланс е реалност на олимписките игри – изјави Бах.

На ЛОИ во Токио треба да настапат околу11.000 спортисти, од кои околу 51,2 отсто се мажи, а 48,8 отсто жени.