Македонската машка шаховска репрезентација го забележе првото реми, додека женската репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз на 23. Европско екипно првенство (ЕП), кое во девет кола се одржува во Терме Чатеж (Словенија).

Машката репрезентација (рангирана 33-та пред почетокот), одигра 2-2 со Исланд (рангиран 27-ми). Во меч во кој противникот имаше четири велемајстори, а Македонија ниту еден, цел поен освоија ИМ Тони Лазов и ФМ Емил Ристески, додека ИМ Никола Николовски и Филип Михов претрпеа порази.
Женската репрезентација на Македонија (рангирана 31-ва), немаше сили за изненадување против силната селекција на Унгарија (рангирана 11-та) и загуби со максимални 0-4.

По четири одиграни кола македонските шахисти со три порази и едно реми (пет поени по табли), моментно се на 37-то место во конкуренција на 39 селекции, додека шахистките се на 21-то место со една победа и два поразa (во 1-то коло беа слободни) и имаат вкупно три бода (6,5 поени по табли), меѓу 31-на селекција. Во утрешното 5-то коло, шахистите се слободни, оти немаат противник и автоматски ќе освојат еден бод (два по табли), додека Македонките ќе се сретнат со Чешка (рангирана 16-та).

По 4-то коло кај мажите на табелата водат Азербејџан, Унгарија и Русија со по седум бода, а кај жените Русија е прва со осум, а втора е Италија со седум бода. На ЕП се пријавени 39 репрезентации со 193 шахисти (127 ВМ, 37 ИМ), а кај шахистките 31 селекција со 154 шахистки (11 ВМ, 23 ЖВМ). По 4-то коло кај мажите на табелата водат Азербејџан, Унгарија и Русија со по седум бода, а кај жените Русија е прва со осум, а втора е Италија со седум бода.

Резултати 4-то коло

ИСЛАНД – МАКЕДОНИЈА 2-2

ВМ Хјорвар Гретарсон (2.574) – ИМ Никола Николовски (2.401) 1-0

ВМ Ханес Стефансон (2.519) – ИМ Лазов Тони (2.393) 0-1

ВМ Јохан Хјатарсон (2.483) – ФМ Емил Ристески (2.315) 0-1

ВМ Гудмундур Кјатарсон (2.443) – Филип Михов (2.255) 1-0

МАКЕДОНИЈА – УНГАРИЈА 0-4

ЖФМ Моника Стојковска (2.066) – ЖВМ Тиција Гара (2.331) 0-1

Сања Трајковска (1.960) – ЖИМ Жока Гал (2.336) 0-1

Драгана Николвска (1.877) – ЖИМ Јулијана Тербе (2.318) 0-1

Ивана Манова (1.809) – ЖИМ Барбара Михок (2.258) 0-1

Г.И.