Вондрушова (19), која ќе игра со Барти, е првата финалистка-тинејџерка на Ролан Гарос, по Србинката Ивановиќ во 2007 година, а може да стане и прва тинејџерка со триумф на тој турнир, по Хрватката Мајоли во 1997-та

Ешли Барти од Австралијa ќе игра против Маркета Вондрушова од Чешка во денешното финале на вториот годинашен тениски гранслем-турнир, францускиот Ролан Гарос. Во полуфиналните дуели Барти (23) ја совлада 17- годишната Американка со руско потекло, Аманда Анисимова, 6-7, 6-3, 6-3, а Вондрушова (19) беше подобра од Британката, Џоана Конта (28), 7-5, 7-6, која го загуби и третото гранслем-полуфинале во кариерата, на три различни подлоги, претходно во Мелбурн во 2016-та и на Вимблдон 2017 година.

За Барти (осма на ВТА-листата) и за Вондрушова (38-ма) ова ќе биде прво гранслем-финале. Барти е првата Австралијка, финалистка на Ролан Гарос, по Саманта Стосур во 2010-та, во кое загуби од Италијанката, Франческа Скијавоне. Вондрушова (19) е првата финалистка-тинејџерка на Ролан Гарос, по Србинката Ана Ивановиќ во 2007 година (тогаш загуби од Белгијката, Жастин Енан). Доколку победи, таа ќе биде првата тинејџерка гранслем-шампионка, по Русинката Марија Шарапова, во Њујорк 2006-та, и прва тинејџерка со триумф на Ролан Гарос, по Хрватката Ива Мајоли во 1997 година. Претходно нејзин најголем успех на гранслем-турнир беше пласман во 4-то коло, лани во Њујорк.

Малку недостигаше во големото финале да се најде уште една тинејџерка, Анисимова (17), која е најмладата меѓу 100-те најдобри на светската ВТА-листа (моментно е на 51-то место). Анисимова во четврт-финалето ја елиминира ланската победничка, Романката Симона Халеп и стана најмладата полуфиналистка на Ролан Гарос, по Никол Ваидишова од Чешка во 2006-та.

– Погледнете ја оваа млада дама, има само 17 години, ѕвездата е родена. Нејзин идол е Шарапова, таа игра како неа – ја пофали Анисимова, Американката Крис Еверт, седумкратната победничка на Ролан Гарос.

Последен пат две тинејџерки настапија во гранслем-финале во Њујорк пред 20 години, во кое Американката Серена Вилијамс, на 17-годишна возраст, ја совлада Швајцарката Мартина Хигинс, која имаше 18 години.