Дарко Димитровски

Во вториот натпревар од групата Ц, Македонија загуби од Србија, а на мечот од таа група на СП е поставен нов екипен и поединечен светски рекорд
Машката кугларска репрезентација на Македонија го загуби и вториот меч од групата Ц на Светското првенство (СП) во Полска и со тоа го заврши настапот на СП. По поразот од Словачка, црвено-жолтите загубија и од актуелниот светски првак Србија со 3.674-3.922 соборени кегли (1-7 во сетови). Единствениот сет-поен го освои Ибрахим Мемеди на првата патека.
– На ова СП бевме многу ослабени, па одигравме во рамките на очекуваното. Србија е, сепак, пресилна за сите, а нашата шанса беше само Словачка, но, ете, не ја искористивме – ни изјави репрезентативецот Дарко Димитровски.
На СП има четири групи, а првите две од секоја група одат во вториот круг. Од групата Ц се пласираа Србија, која ја победи Словачка со 4.140 – 3.740 во соборени кегли (8-0), што е нов светски рекорд за 128 кегли повеќе од стариот, и Словачка, како втора. Истовремено, нов светски рекорд постави Србинот Чонгор Барањ (738). Македонија го оствари најдобриот пласман на СП во Унгарија во 2013 година кога стана вицешампион.