Јагр ќе игра за тимот на Кладно од родниот град, кој се натпреварува во Втората лига на Чешка. Тој е претседател и косопственик на клубот

ХОКЕЈ НА МРАЗ

Хокеарската легенда, Чехот Јаромир Јагр (48) има намера да ја игра 33-та сезона во професионална конкуренција. Јагр ќе игра за тимот на Кладно од родниот град, кој се натпреварува во Втората лига на Чешка. Тој е претседател и косопственик на клубот.
За професионалната долговечност на Јагр говори податокот дека шампионските прстени на Јагр се постари од просечниот НХЛ-играч. Јагр пристигна во канадско-американската НХЛ во 1990 година, како петти избор на драфтот на Питсбург, и му помогна набргу да го освои Стенли-купот, во 1991 и во 1992 година. Јагр беше најдоминантниот хокеар кон крајот на 90-тите години од минатиот век, освојувајќи пет трофеи за најдобар стрелец. Јагр со голманот Доминик Хашек ја предводеше Чешка до олимпиското злато на Игрите во Нагано, во 1998 година. Тој со Чешка освои и две титули светски првак, во 2005 и во 2010 година.

Јагр одигра 1.733 меча во НХЛ и е трет во оваа категорија, зад Горди Хау (1.767) и Марк Месје (1.756). Тој забележа и 1.921 поен (голови и асистенции заедно) и е втор, зад Вејн Грецки (1.963). Јагр, исто така, е трет според бројот на погодоци (766) во регуларниот дел од сезоната, двократен освојувач на Стенли-купот со Питсбург, беше МВП на лигата во 1999 година. Во 24-годишната кариера во НХЛ, Јагр играше и за Вашингтон, Њујорк, Филаделфија, Далас, Бостон, Њу Џерси, Флорида и за Калгари.