ШАХ – ТУРНИР НА ШАМПИОНИТЕ

Американскиот велемајстор (ВМ) Весли Со (27) е победник на третиот турнир од интернет-серијатa Турнири на шампионите во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди за потег по играч) наречен „Опера еуро“, откако во финалето го победи светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, и ја освои наградата од 30.000 долари. По првиот ден беше 2-2, по вториот Со славеше со 2,5-1,5, а решавачка беше првата од четирите партии, која успеа да ја добие, додека, пак, Карлсен во еден момент имаше добиена позиција во последната партија, но не го виде патот до неа. Ова за Со е втор ваков триумф по оној на првиот турнир, (на вториот беше шести) и моментално е водечки во генералниот пласман.
Во дуелот за третото место, Азербејџанецот Тимур Раџабов (кој победи на вториот турнир) го победи Французинот Максим Вашер-Леграв (кој во полуфиналето загуби од Карлсен со армагедон партијата) и во двата натпреварувачки дена со 2,5-1,5 и 2-0. На турнирот настапија 16 шахисти, а по прелиминарната фаза се пласираа првите осуммина.
Интернет-серијатa Турнири на шампионите во забрзан шах се состои од девет редовни и големи турнири што кулминираат со финале вредно 300.000 американски долари, кое започнува во септември. Сите натпревари се играат во забрзан шаховски формат, а ако е потребно со брз и тај-брејкови, како и армагедон-партија.