На почетокот од професионалната кариера таа имала многу проблеми поради опсесивно-компулсивно нарушување, кое ѝ направило многу проблеми при исхраната

Американката Моли Сајдл (27), трчајќи на третиот официјален маратон во кариерата, го освои бронзениот медал на Олимписките игри (ОИ) во Токио, со време од 2:27,46 часа. Бронзата на Сајдл е прва за една Американка во оваа дисциплина, по бронзата на Дина Кастор во 2004-та. Златото и среброто им припаднаа на Кенијките Перес Јепчирчир (2:27,20) и Бригид Косгеи (2:27,36).
– Не можам да поверувам. Само доаѓањето тука беше остварување на мојот сон. Ова не е само за мене. Ова е за моето семејство, за мојот тренер, за сите што тренираа со мене – изјави пресреќната Сајдл за „Ен-би-си“.
На почетокот од професионалната кариера таа имала многу проблеми поради опсесивно-компулсивно нарушување (ОЦД), кое ѝ направило многу проблеми при исхраната.
– Можев да настапам на Игрите во Рио. Можев да потпишам голем спонзорски договор, но со влошувањето на моето ментално здравје, се нарушуваше и физичкото. Бев надвор од патеката поради низа повреди предизвикани од проблемите со јадењето. Со намалувањето на тежината, моите коски станаа послаби и почнаа да се кршат. И, наместо да се натпреварувам на олимписките изборни натпревари летото 2016-та и да потпишам професионален договор, влегов во програма за лекување во исхраната – рече Сајдл за ЕСПН.
Потоа повторно почна да трча, но со контроверзии. На олимписките квалификации во февруари 2020-та, на првиот маратон во кариерата таа заврши на второто место, со што си обезбеди настап во Токио, но потоа наиде на уште една пречка, онаа за секој спортист што се квалификува за Игрите пред март 2020 година, а тоа е глобалната пандемија што ги одложи Игрите цела година. Но тоа како да беше благослов за Сајдл, која успеа да истрча уште еден маратон пред Токио, во Лондон 2020, и да го освои шестото место. На третиот во Токио, таа успеа да освои бронзен олимписки медал!