КОШАРКА – НБА
Џејмс е првиот играч со 30.000 поени, 10.000 скока и 9.000 асистенции
Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, го забележа својот 10.000-ти скок во кариерата во НБА-лигата, во поразот на мечот со Индијана со 111-104, со што стана првиот играч што достигнал 30.000 поени, 10.000 скока и 9.000 асистенции, пишува НБА на својата интернет-страница. Тој е само 42-от играч во историјата на НБА што има 10.000 скока, придружувајќи им се на своите соиграчи Двајт Хауард и Деандре Џордан, како единствени активни играчи со толку скокови во кариерата. Дополнително, Хауард забележа седум скока на тој меч за да достигне 14.464 во неговата кариера, изедначувајќи се со Нејт Турмонд на 10-то место на рангирањето на сите времиња, листа на која води Вилт Чембрлен со 23.924 скока
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Нови правила за одложување мечеви
Челниците на англиската фудбалска Премиер-лига имаат намера од 8 февруари да воведат нови правила во обид да ги запрат одложувањата на натпреварите што се закануваат да предизвикаат нарушување на шампионатот во последните месеци од сезоната. Во изминатите два месеца беа одложени 22 меча. Правилата што првично беа воведени за справување со новиот бран позитивни случаи на коронавирусот беа критикувани. Според сегашните упатства, клубовите можат да аплицираат за одложување на натпревар доколку немаат на располагање 13 играчи, плус голман. Веќе е одлучено претстојната зимска пауза да не се искористи за презакажување на ниту еден од овие мечеви, што значи дека тие ќе треба да се играат во термини резервирани за европските натпреварувања. Бројот на позитивни случаи на коронавирус меѓу играчите и персоналот во Премиер-лигата минатата недела падна на 33. Рекордни 106 случаи беа забележани помеѓу 20 и 26 декември, но оттогаш бројката постојано се намалува.