КОШАРКА
Ивковиќ, Кораќ, Делибашиќ, Ѓерѓа… номинирани за влез во „Куќата на славните“
Прославениот српски тренер Душан Ивковиќ, кој почина во септември годинава, е номиниран за влез во „Куќата на славните“, која го чува кошаркарското наследство од заборав. Меѓу другите, номинирани се и Ранко Жеравица, Радивој Кораќ, Мирза Делибашиќ, Јосип Ѓерѓа, Алфонсо Форд, Мануел Саинс… Финалната листа ќе биде соопштена во текот на олстар-натпреварот во НБА-лигата, кој треба да се одржи на 18 февруари 2022 година во Кливленд, а приемот на новите членови во „Куќата на славните“ треба да биде одржан во септември идната година. Г.И.
СВЕТСКИ КУП ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Шифрин им се доближува на Вон и на Стенмарк
Американката Микаела Шифрин победи во велеслаломот во Куршевел (Франција), во рамките на Светскиот куп (СК) во алпско скијање, шести рекорден пат на оваа патека. За Шифрин, која забележа рекордни 46 победи во слалом од СК, тоа беше 14-та велеслаломска победа, вкупно 72. во кариерата во СК, само 10 помалку од сонародничката Линдзи Вон, односно 14 од најуспешниот на сите времиња, Швеѓанецот Ингемар Стенмарк (86 триумфи во СК). Шифрин е израмнета на третото место на листата според бројот на победи во велеслалом во СК со уште пет други скијачки. Најуспешни се Швајцарката Френи Шнајдер со 20 и Австријката Анемари Мозер-Прел со 16 победи. За Шифрин тоа беше 11-та трка сезонава, повеќе од која било скијачка во СК, по која повторно води во генералниот пласман, сега со 35 бода пред Италијанката Софија Гоџа, која не го заврши второто велеслаломско возење. Л.Д.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Рекордна награда за победникот на „Четирите скокалници“
Во Австрија со гледачи ќе се одржат два натпревара од 70-та новогодишна турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Сезонава вкупниот шампион на „Четирите скокалници“ ќе биде награден со рекордна сума од 100.000 франци, пет пати повеќе отколку досега, пишува ФИС.
Новогодишната турнеја треба да почне на 29 декември во Оберстдорф, а потоа следуваат натпреварите во Гармиш Партенкирхен на 1 јануари, во Инсбрук на 4 јануари и во Бишофсхофен на 6 јануари.
Австриската скијачка асоцијација и локалните организациски комитети објавија дека на натпреварот во Инсбрук ќе може да присуствуваат најмногу 4.000 гледачи, а 3.500 на натпреварот во Бишофсхофен. Првите два настана на новогодишната турнеја ќе треба да се одржат без публика, пишува ФИС.
– Одлично е што не мораме да го крунисаме шампионот пред празни трибини – изјави Манфред Шуценхофер, претседател на скијачкиот клуб во Бишофсхофен и шеф на организацискиот одбор.