Барикело и Раиконен досега настапија на најмногу трки во Ф1, на по 322, а Хамилтон со победа би се израмнил со рекордерот Шумахер, со по 91 триумф во Формула 1
ФОРМУЛА 1 – ВИКЕНДОВ ТРКА НА ПАТЕКАТА НИРБУРГРИНГ
Неделната трка на патеката Нирбургринг (Германија) во Формула 1 може да донесе два рекорда, пишува „Ројтерс“. Додека шесткратниот светски шампион, Британецот Луис Хамилтон, има втора шанса да го израмни рекордот на Германецот Михаел Шумахер од 91 победа во кариерата во Ф1, Финецот Кими Раиконен е на пат да постави рекорд со 323-от старт на гранпри-трка, откако на минатата трка го изедначи рекордот на Бразилецот Рубенс Барикело, на трката во Сочи (Русија), пред две недели.
Раиконен, кој дебитира во Формула 1 во 2001 година, сега има 40 години и е најстариот возач сезонава во Ф1.
– Рекорд или не, се подготвувам за овој викенд како и за секој друг, затоа што штом еднаш седнете во автомобилот, тоа е речиси исто. Се тркав тука неколкупати, мислам дека требаше да победам на неколку трки, понекогаш бевме малку несреќни, но така се одвиваат трките – рече светскиот шампион од 2007 година.
Сите погледи ќе бидат свртени и кон Мик Шумахер, 21-годишен син на седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер, и лидер во Формула 2, кој ќе го има своето деби, на тренингот на Алфа Ромео, а Британецот Калум Илот, уште еден ветувачки јуниор, кој се трка со Шумахер за титулата во Ф2, исто така, ќе учествува на тренинзите, со тимот на Хас, пишува „Ројтерс“.
Хамилтон победи на патеката Нирбургринг во 2011 година, што беше 16-та победа од неговите 90 триумфи досега во Формула 1. Нирбургринг не бил домаќин на трка во Формула 1 од 2013 година, кога Германецот Себастијан Фетел победи на патот кон својата четврта титула во Ф1.
По 10 трки, сезонава Британецот Хамилтон води со 201 бод, 44 повеќе од второпласираниот Валтери Ботас, а потоа следуваат Макс Ферстапен со 128, Ландо Норис со 65 бода итн.
НАЈМНОГУ СТАРТОВИ ВО Ф1
Рубенс Барикело 322
Кими Раиконен 322
Фернандо Алонсо 311
НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО Ф1
Михаел Шумахер 91
Луис Хамилтон 90
Себастијан Фетел 53