ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

Македонија не успеа да ја освои толку посакуваната титула во Европската сребрена лига. Во финалниот меч, пред 700 гледачи во салата „Парк“ во Струмица, македонските одбојкари загубија од Данска со 1-3 (25-23, 19-25, 25-27 и 19-25) и четврти пат мораа да се задоволат со второто место по 2015, 2016, 2017 и 2021 година. Данците со овој триумф си обезбедија настап во Златната лига во 2022 година. Во мечот за трето место, Унгарија ја совлада Хрватска со 3-2 (25-18, 18-25, 25-23, 19-25, 15-13).
За заслужениот триумф на Данците сведочи и статистиката, која покажува дека доминираа во повеќе категории, направија помалку грешки, а го имаа најдобриот и најефикасен на мечот, Мадс Кјед Јенсен (22) со 32 поени. Капитенот на Македонија, Никола Ѓоргиев, забележа 14 поени.
– Можевме подобро, секако. Не можам сега да проценам дали и во што погрешивме, ќе треба да ја погледнам снимката од мечот. Мислам дека клучен беше третиот сет што го загубивме на разлика. Данците одиграа одличен меч, можеби најдобар последниве години и мора да им се честита – изјави капитенот на Македонија, Никола Ѓорѓиев.


Подготовките за ЕП 2021 почнуваат на 11 јули

По тринеделните настапи во Сребрената лига на македонските одбојкари им престои одмор, сѐ до 11 јули за кога е закажан почетокот на подготовките за Европското првенство (ЕП) 2021 година што почнува на 1 септември и ќе се одржува во четири земји (Полска, Чешка, Естонија, Финска).
Македонија, која вторпат ќе игра на завршен турнир, по ЕП 2019 во Словенија, е во групата Ц во Тампере, со домаќинот Финска, Русија, Турција, Холандија и Шпанија. Четирите најдобри од четирите групи ќе се квалификуваат во осминафиналето.