Гавриловски е 10-ти во ФИДЕ-албумот 2016-2018

КОМПОНИРАЊЕ ШАХОВСКИ ПРОБЛЕМИ

ФИДЕ-албумот е официјална антологија на најдобри шаховски композиции, кои се бодуваат за титули

Истакнатиот македонски велемајстор (ВМ) за шаховски композиции (создавање шаховски проблеми и студии) и репрезентативец Зоран Гавриловски е на 10-то место според бројот на поени (30) во албумот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), во периодот 2016-2018 година, што претставува голем успех меѓу мноштвото светски познати имиња на шаховската композиција. Од македонските автори, на оваа листа следуваат интернационалниот мајстор (ИМ) за шаховски композиции Златко Михајлоски (16,5 поени), ВМ Живко Јаневски (2,33) и Петре Стојоски (1,5).

ФИДЕ-албумот е официјална антологија на најдобри шаховски композиции, кои се бодуваат за титули (еден проблем носи еден поен, една студија е вредна 1,66 поен, со 12 поени се станува ФИДЕ-мајстор, со 25 ИМ, а со 70 поени ВМ) и наедно е неформално мерило за рејтингот во одделен тригодишен период. Во неодамнешниот избор на најдобри шаховски композиции за ФИДЕ-албумот 2016-2018, најдобар е Украинецот Михаил Марандјук (60,91 поени), пред Германецот Мартин Мински (59,45) и Русинот Александр Кузовков (55).

Во досегашните ФИДЕ-албуми за периодот 1914-2018, според бројот на поени, води Бугаринот Петко Петков (503,75), пред Французинот Мишел Кајо (395,65), Марандјук (346,73), Јаневски (267,83), а на 34-то место е Гавриловски (119,5). Вкупно, Михајлоски има 45 поени, ФМ Никола Столев 19,5, ФМ Бошко Милошески 13, Петре Стојоски 10,5, Тоде Илиевски 7,5, Љубомир Анастасов 1,5, Глигор Денковски 1,5 и Александар Поповски еден. Г.И.