Пандемијата на коронавирусот го запре спортот. Речиси сите спортски првенства и натпреварувања се прекинати или одложени поради појавата на коронавирусот, а секојдневно се зголемува бројот на заразени спортисти и тренери, како и екипи што се ставени во карантин.
Меѓу првите спортисти кај кои беше потврден коронавирусот е фудбалерот на Јувентус, Даниел Ругани. Италијанскиот клуб воведе карантин за сите во клубот што биле во контакт со него, а во карантин е и Интер, кој играше со Јувентус минатата недела. Првата ѕвезда на италијанскиот шампион, Кристијано Роналдо, остана во изолација во Португалија, каде што се наоѓал во тој момент.
Вториот случај на коронавирус во италијанската лига е констатиран кај фудбалерот на Сампдорија, Маноло Габиадини. Според зборовите на тренерот на англискиот Лестер, Брендан Роџерс, коронавирусот ѝ се заканува и на англиската Премиер-лига, по изолацијата на тројца фудбалери на Лестер. Лондонски Арсенал, пак, потврди дека нивниот менаџер, Шпанецот Микел Арета, е позитивен на коронавирусот. Поради тоа, затворен е тренинг-центарот, а во изолација се сите што биле во контакт со него. Од Челси соопштија дека позитивен на коронавирусот е 19-годишниот фудбалер Калум Хадсон-Одои. Така што комплетниот сениорски тим, тренерите и членовите на стручниот штаб се во изолација, а потоа Англиската фудбалска асоцијација донесе одлука за суспензија на првенството до 3 април. Со коронавирусот е заразен и фудбалерот на Хановер, Тимо Хуберс, кој е во карантин.
Коронавирусот ја погоди и кошарката. Засега двајца кошаркари на НБА-лигата се заразени со коронавирус, кошаркарот на Јута Руди Гобер, а откако биле тестирани сите негови соиграчи, позитивен бил тестот и на Донован Мичел. Во карантин се фудбалерите и кошаркарите на Реал Мадрид, кои делеле исти простории, откако позитивен на коронавирусот бил кошаркарот на Реал, Треј Томпкинс.