Фото: Игор Бансколиев

Во период кога сите екипи се во натпреварувачка форма и се подготвени да го дадат најдоброто за што подобар пласман во завршниците на шампионатите, принудната пауза поради коронавирусот лошо ќе се одрази и врз физичката и врз психичката подготвеност на играчите, без разлика за кој спорт станува збор. Но со оглед на тоа што здравјето на спортистите и општо на сите луѓе е пред сѐ, сите мерки што ќе помогнат за спречување на ширењето на вирусот се оправдани, без разлика каков ефект ќе имаат на спортските резултати, вели ракометниот стручњак Ристо Магдинчев

Сведоци сме дека коронавирусот стана глобален проблем, што се одрази на сите сфери на живеење, па и во спортот. Запреа натпреварувањата во фудбалска Европа, во НБА-лигата, Јадранската лига, фудбалските првенства во најголемиот број земји во Европа, сите тениски АТП-турнири до 27 април се на пауза, одложен е почетокот на Формула 1, предвреме заврши Светскиот куп во скијање, одложени се и многубројни олимписки квалификации, како и ракометни шампионати во многу земји…
Сите спортски федерации и клубови во Македонија најавија пауза во шампионатите во сите конкуренции. Голем дел од кубовите ги прекинаа тренинзите на неколку дена, а некои од нив презедоа мерки за дополнителна заштита од коронавирусот со секојдневна дезинфекција и стерилизација на спортските сали препорачувајќи лична изолација со ограничено движење и контакти. Според зборовите на претседателката на Металург Зорица Блажевска, салата во Автокоманда со дополнително преземените мерки за дезинфекција и стерилизација има обезбедено услови за одржување тренинзи.
– Здравјето на нашите ракометари и ракометарки е во прв план и ги преземаме сите мерки за да ги заштитиме. Обезбедивме доволно средства за дезинфекција и можеме без проблеми да функционираме токму според одлуката на нашата влада и според пропишаните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот – рече претседателката на Металург Зорица Блажевска.

Кошаркарите на македонскиот прволигаш МЗТ Скопје до понеделник нема да одржуваат тренинзи во својата сала.

– Кошаркарите на нашиот клуб воопшто нема да тренираат до понеделник, а за понатаму ќе видиме како ќе се одвиваат работите, секако притоа ќе ги следиме и препораките за превенција, кои ќе ги добиваме од Министерството за здравство. Како што е познато и натпреварите во Втората јадранска лига се целосно суспендирани до следното понатамошно известување – вели тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.

И одбојкарите на Џио Струмица ќе паузираат до понеделник, а потоа зависно развојот на ситуацијата со коронавирусот ќе чекаат инструкции од Федерацијата, а во сала нема да работат и одбојкарите на Вардар.

Во следните 14 дена нема да се тренира на повеќе фудбалски терени ширум земјава, а до понеделник без тренинзи ќе бидат и ракометниот клуб Вардар и вицепрвакот Еурофарм, итн.

– Во период кога сите екипи се во натпреварувачка форма и се подготвени да го дадат најдоброто за што подобар пласман во завршниците на шампионатите, принудната пауза поради коронавирусот лошо ќе се одрази и врз физичката и врз психичката подготвеност на играчите, без разлика за кој спорт станува збор. За тие две-три недели без тренинг се губи кондицијата, на тренерите ќе им треба дополнително време да ги вратат спортистите во претходната форма. Работа во домашни услови би помогнала, но недоволно за врвен резултат. Сепак, со оглед на тоа што здравјето на спортистите и општо на сите луѓе е пред сѐ и ова што се случува во моментов е виша сила на која не можеме туку-така да влијаеме, сите мерки што ќе помогнат за спречување на ширењето на вирусот се оправдани, без разлика каков ефект ќе имаат на спортските резултати – вели ракометниот стручњак Ристо Магдинчев. Та.Д.;Г.И.