Фото: Маја Јаневска-Илиева

РАКОМЕТ

Македонија и Црна Гора забележаа по две победи, Словенија една, а Данска закажа два нови тест-меча (неделава со Норвешка) по откажувањето на средбите од Златната лига. Македонија синоќа и денеска игра со Израел, Словенија неделава двапати ќе игра со Италија…

Влеговме во завршната фаза од подготовките. Веќе работиме на детали и во нападот и во одбраната. Се подготвуваме за дуелите со Словенија, Црна Гора и со Данска. Со оглед на ситуацијата со ковид-19, сепак, најважно е да останеме сите здрави. Нема многу време, веќе почнавме да го анализираме првиот противник Словенија, со која играме за десетина дена, вели искусниот бек Филип Миркуловски, во пресрет на ракометното Европско првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка 2022 (13-30 јануари).

Македонската репрезентација вчера требаше да го одигра првиот, а денеска (од 18 часот) вториот пријателски меч од затворен тип со селекцијата на Израел, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Претходно Македонија во Маврово го одработи првиот дел од подготовките каде што двапати го совлада Кувајт, со 31-21 и со 22-21.

– Последен се приклучив на подготовките, оти Бундес-лигата заврши на 28 декември. Се подготвуваме сериозно, како на тактички план така и со видеоанализи. Среќен сум што сме комплетни, што имаме можност да работиме и да тренираме заедно во пресрет на ова ЕП. Сигурен сум дека ќе бидеме подготвени за тој прв меч со Словенија – вели бекот Филип Кузмановски.

На ЕП 2022, Македонија е во групата А. Црвено-жолтите во арената „Фоникс“ во Дебрецин, со капацитет од 6.500 места, прво ќе играат со Словенија на 13 јануари (18 ч.), два дена подоцна со Црна Гора (18 ч.), а на 17 јануари со светскиот првак Данска (20.30 ч.). Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза. Македонија играше со Словенија и со Црна Гора во иста група на ЕП 2018, заедно со Германија, со Словенија и на ЕП 2012, во мечот за петтото место, а со Данска, со која играше во квалификациите за ЕП 2022, се сретна на ЕП во 2012, 2014 и во 2018 година.

Од конкурентите на Македонија во групата, Црна Гора од 2 јануари ги продолжи подготовките, а во меѓувреме пријателскиот меч со Косово беше откажан откако неколку црногорски играчи беа позитивни на ковид-19. Црна Гора одигра две пријателски средби со Кувајт и во двата славеше на свој терен. Тие својот следен дуел го имаат на 13 јануари со светскиот првак Данска, пишуваат црногорските медиуми.
И Словенија на 2 јануари ги продолжи подготовките за ЕП, а утре во Трбовље и на 7 јануари во Копер треба да одигра два-тест меча со Италија. Словенците досега одиграа еден подготвителен дуел, со Хрватска, во Златорог и славеа со 33-26.

– Во репрезентацијата владее одлична атмосфера. За кратко време пред ЕП треба да ги усовршиме деталите, затоа работиме секој ден и на дефанзивната и на офанзивна игра. Има уште простор за напредок во сите елементи од играта. Во преостанатите денови мора да дадеме сѐ од себе за да ја доведеме формата на повисоко ниво – вели стандардниот словенечки бек Миха Зарабец, пишуваат тамошните медиуми.

Данска договори дополнителни два тест-натпревари пред ЕП, против Норвешка (6 и 8 јануари), кои ќе се играат во данското место Хилерод. Овој дополнителен меч е резултат на откажувањето поради ковид-19, на закажаниот дуел во Златната лига во Париз со селекцијата на Египет.