РАКОМЕТ

Итана Лабовиќ (21) игра на позицијата пикер, а пред да дојде во Автокоманда настапуваше за Феникс од Подгорица

Освојувачот на Купот на Македонија во женска конкуренција, ЖРК Металург, предводен од тренерката Јулијана Дамчевска, го ангажира првото засилување во новата натпреварувачка сезоната, која е веќе во тек. Тоа е младата, 21-годишна ракометарка од Црна Гора, Итана Лабовиќ, која пред да дојде во салата во Автокоманда настапуваше за екипата на Феникс од Подгорица. Договорот е потпишан на една година.

Лабовиќ, која игра на пикерската позиција, својот деби-настап за тимот од Автокоманда го имаше на дерби-дуелот против актуелниот македонски шампион Ѓорче Петров, каде што го постигна и својот гол-првенец.

Поранешниот женски шампион на Македонија, Металург, по четири одиграни кола во домашното првенство, во рамките од групата Б, има резултат од три победи и еден пораз.

Како што е познато, ракометарките од Автокоманда на 8 октомври ќе го одиграат првиот натпревар против грчки ПАОК, во рамките на Европскиот куп, додека реванш-дуелот е закажан за 15 октомври во Скопје. Г.И.