Фото: ЕПА

Во однос на претходните ЛОИ, одржани во Јапонија во 2021 година, и сега на олимпискиот турнир ќе играат Данска, Шпанија, Норвешка, Германија, Франција, Шведска, Египет, Аргентина и Јапонија, а нови селекции во однос на тој турнир се Хрватска, Унгарија и Словенија. Титулата ќе ја брани Франција. Ждрепката ќе биде влечена на 16 април во Париз

ОЛИМПИСКИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА РАКОМЕТАРИ

По завршувањето на олимписките квалификациски ракометни турнири за мажи во Гранолерс, Хановер и во Татабања, шест репрезентации ги обезбедија своите билети за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, па составот од 12 репрезентации веќе е комплетиран. Од секој турнир по две првопласирани селекции се пласираа на ЛОИ 2024.
Така, од групата еден, која се играше во шпанскиот град Гранолерс, Шпанија и Словенија беа на првите две места во групата со Бразил и со Бахреин. Од групата два, Хрватска и Германија се двете квалификувани селекции од турнирот во Хановер (Германија), каде што настапија и Алжир и Австрија. Норвешка триумфира на турнирот број три во Татабања (Унгарија), со победи на дуелите со Португалија, Унгарија и со Тунис, а од таа група пласман на ЛОИ 2024 обезбеди и Унгарија.
Шесте селекции им се приклучуваат на претходно квалификуваните, домаќинот Франција, светскиот шампион Данска, првакот на Африка, Египет, Јапонија, која победи на азискиот квалификациски олимписки турнир, Шведска, која се пласира преку годинашното Европско првенство, каде што беше на третото место, и Аргентина, која ја освои титулата на Панамериканските игри во 2023 година.
Во однос на претходните ЛОИ, одржани во Јапонија во 2021 година, и сега на турнирот ќе играат Данска, Шпанија, Норвешка, Германија, Франција, Шведска, Египет, Аргентина и Јапонија, а нови во однос на тој турнир се Хрватска, Унгарија и Словенија. Титулата ја брани Франција.
Ждрепката за ЛОИ 2024 ќе биде влечена на 16 април во Париз, а 12-те репрезентации што се пласираа ќе бидат поделени во шест барабани, информира Меѓународната ракометна федерација (ИХФ).
Следуваат трите квалификациски турнири за ракометарки. Претходно пласман на ЛОИ 2024 обезбедија Франција (домаќин), Данска (европски вицепрвак), Јужна Кореја (победник на квалификации во Азија), Ангола (победник на квалификации во Африка), Бразил (победник на Панамериканските игри) и Норвешка (светски првак). Г.И.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1 – Данска и Шпанија
2 – Хрватска и Норвешка
3 – Унгарија и Германија
4 – Словенија и Франција
5 – Шведска и Египет
6 – Аргентина и Јапонија